Крушево носи многу значајни факти во Европа и тој потенцијал треба да се поддржи, нагласи амбасадорот на Република Словенија Милан Јазбец при денешната прва официјална посета на Крушево и средба со крушевскиот градоначалник Томе Христоски.

Според Јазбец, Крушево дало пет членови на МАНУ, го има Тоше Проески и е светски центар на параглајдерството што му дава значајно место во Европа.

- Првпат сум во официјална посета на градоначалникот на Крушево за да го поддржам во неговите амбиции Крушево да биде она што отсекогаш било - втора Република во Европа, што често се заборава. Имено, првата Република во Европа била Париската комуна во 1871 година, а во 1903 Крушевсклата е втора Република во Европа. Тоа е голема традиција од која се произлегува понатаму. Од Крушево произлегуваат пет членови на МАНУ, потоа Тоше Проески и тоа што го имаме денес - светски бренд во параглајдерство. Значи, тоа е она што Крушево со себе го носи во Европа и поради тоа тој потенцијал треба да се поддржи, изјави амбасадорот Јазбец.

Една од првите точки за која се договоривме со градоначалникот, нагласи, е збратимување со една словенечка општина, за заедно да бидеме посилни.

- Тоа е многу битно. Бев пет години државен секретар на одбрана на Словенија кога земјата беше примена во НАТО и чест ми е што тие искуства може да ги поделам со македонските граѓани и со жителите на Крушево, рече Јазбец.

Според крушевскиот градоначалник, Крушево има многу придобивки од европските фондови, а битно е што Македонија и Крушево ја имаат поддршката на Словенија за влез во ЕУ и НАТО.

- Амбасадорот Јазбец ни дава поддршка за влез во Европската унија. Придобивките за влез во ЕУ за Крушево се огромни. Конкретно се за изградба на канализациски мрежи и за инфраструктурни проекти, како што се локални и регионални патишта, безбедност на граѓаните зашто повеќе стопанственици ќе доаѓаат во Крушево. Со помошта на ЕУ и на Европската инвестициска банка ќе има повеќе инвестициски проекти во Крушево, како што се: резервоар за питка вода во селото Борино, водовод од 2,5 километри во селото Саждево, како и првата фаза од канализациската мрежа во селото Норово, нагласи Христоски.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/09/2018 17:58