Министрите на денешната 86-та седница на Владата на Република Македонија ја утврдија потребата за изработка на нов Закон за стратешки инвестиции во Република Македонија.

Владата го задолжи Министерството за транспорт и врски во рок од три дена од добиените номинации да формира работна група за изработка на предлог Закон за стратешки инвестиции во Република Македонија. Во исто време, неколку министерства, кабинетите на Претседателот на Владата и на Заменик Претседател на Владата, во рок од пет дена да номинираат лице за работната група за изработка на предлог Закон за стратешки инвестиции во Република Македонија.

Од формирањето на работната група, Министерството за транспорт и врски има рок од 60 дена до Владата да достави нацрт Закон за стратешки инвестиции во Република Македонија.

На денешната седница Владата ја разгледа и ја усвои информацијата за потребата од подобрување на состојбата на општинската патна мрежа.

За таа цел, Владата го задолжи Министерството за финансии да отпочне постапка за задолжување кај Светска банка со заем во висина од 70 милиони евра, во зависност од можностите на Буџетот, а врз основа на стратегијата за партнерство.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/09/2018 20:29