Шест општини од Македонија добија 290,7 милиони денари преку Проектот за подобрување на општинските услуги на Министерството на Светска банка. Средствата ќе ги користат општините Кисела Вода, Кавадарци, Илинден, Студеничани, Желино и Центар Жупа, чии градоначалници потпишаа договори денеска во Министерството за финансии со министерот Драган Тевдовски и директорот на канцеларијата на Светска банка во Македонија Марко Мантованели.
Ќе се реализираат осум проекти кои предвидуваат изградба и реконструкција на локална патна мрежа, атмосферска канализација и реконструкција на основно училиште,
- Потпишувањето на договори за осум нови капитлни проекти во шест општни, од четири различни региони е најдобар показател дека се залагаме за развој и за подобри општински услуги подеднакво за сите општини во Македонија. Преку Проектот за подобрување на општинските услуги што Министерството за финансии го спроведува со поддршка на Светска банка сенасојува преку инвестиции во капитални добра - прво граѓаните да добијат подобри општински услуги и второ да се развие локалната економија, рече минситерот Тевдовски.
Директорот на Канцеларијата на Светска банка Мантованели истакна дека ова е долгорочна програма и оти овие шест договори се првите договори од втората фаза на Проектот.
- Нам ни се важни општинските услуги бидејќи тие се најблиски до граѓаните и сметаме дека тука можеме да придонесме најмногу за граѓаните на Македонија, рече Мантованели, додавајќи декаколку се подобри општинските услови, толку се подобри условите за подобрување на квалитетот на работата на деловните субјекти и граѓаните.
Градоачалниците изразија задоволство од потпишувањето на договорите. Тие ги наведоа проектите за што ќе ги користат средствата, посочувајќи дека и понатаму активно ќе се пријавуваат да учествуваат во програми за да реализираат проекти што ќе ги подобрат условите во општините.
Во општина Желино, ќе се изврши реконструкција на основното училиште во населбата Палатица, во кое учат околу 300 ученици, како и реконструкција на локален пат во село Групчин и локален пат во село Ново Село. Реконструкција на осум улици и булевар ќе се изврши и во општина Кавадарци, додека во општина Илинден - реконструкција на потегот од Кадино до клучката до автопатот А4. Во општина Студеничани освен реконструкција на улица се предвидува и партерно уредување на централниот дел на населеното место Студеничани.
Во општина Центар Жупа ќе се изгради локален пат што ги поврзува населените места Елевци и Долгаш, кој ќе придонесе да се скрати патувањето на жителите од оваа општина до Струга.
Во општина Кисела Вода ќе се направи атмосферска канализација на улиците во населба Пржино.
Проектот за подобрување на општинските услуги го спроведува Министерството за финансии, со поддршка на Светска банка, како и на Европската унија преку ИПА.
Целта на проектот е преку инвестиции во капитални проекти да се подобрат условите за живот во сите општини во Македонија. Преку проектот се финансираат изградба и реконструкција на локални улици, на комунална мрежа, изградба или реконструкција на училишта, градинки и други јавни објекти во општините.
Досега во рамки на овој проект се реализирани над 70 капитални проекти во над 40 општини.
Минситерот за финансии Драган Тевдовски одговорајќи на новинарско прашање за тоа колку должат општините рече дека постојат механизми за контрола на задолжување на општините и дека е донесено законско решение за објавување на неизмирените обврски.
- За да ја зголемиме транспарентноста и да ја подобриме евиденцијата пред неколку месеци донесовме законско решение со кое воведовме обврска сите општини да мораат своите неизмирени обврски да ги евидентираат во новиот софтвер. Во моментов е процес на полнење на системот на евидентирање на тие обврски и откако ќе заврши тоа во последниот квартал ќе бидат објавени, рече Тевдовски.