Вањо Костиќ од Куманово е единствениот во градот и во Македонија кој веќе десетина години изработува резба на кожа познато како leather craft. Невообичаениот занает за овие простори го усовршил на обука во Аризона во САД. Кожата, како природен материјал, нуди можност за креативност преку кој, Костиќ уметнички се изразува.
- Работев на изработка на кожни чанти, паричници и ремени кај еден од познатите кумановски мајстори за кожа и крзнени производи, ја засакав кожата како природен материјал што нуди многу можности за креативност. Почнав да истражувам на интернет и така ја открив оваа техника на резбарење на вегетабилна кожа што веднаш ме импресионира и добив желба да ја научам, тоа ми стана како опсесија. Истражувајќи дознав дека ваква техника не постои кај нас. Во Европа застапена е во некои манастири во Шпанија и во Англија, но во Шпанија не беше изводливо да се учи, а во Англија, прво проблем беше виза, а второ сместувањето и учењето беше прескапо, вели Костиќ.
Пасијата кон овој занает го однела преку океанот, на обука во Аризона, во САД, каде по извесен период ги совладал основните вештини на техниката за изработка на креации преку резбарење врз кожа. Продолжил со надградба на техниката преку едукации, посети на семинари, следење литература од оваа дејност. Резбарењето врз кожа, појаснува Костиќ е специфично и бара целосно внимание, бидејќи кожата е скап материјал и се работи со специјални алатки и ножеви. Грешките не можат да се корегираат. Изработката бара максимална посветеност и концентрација за да се постигне максималниот резултат и квалитет.
Мотивите се разновидни, најчесто резбам цвеќиња, крстови, манастири, хороскопски знаци, животни, разни лога и сл. Изработувам сувенири, слики, но и употребливи предмети како седишта за мотори, ремени, паричници, елеци, футроли за ножеви, перници, рамки за ѕидни огледала, мебел од кожа (столчиња), привезоци за клучеви и апликации од кожа, вели Костиќ.
Со резбарењето почнал да се занимава во 2010 година . И кај нас има интерес за изработени предмети од кожа, со оглед на фактот дека техниката е нова и привлечна. Секој производ е ункатен, без разлика дали станува збор за паричници, ремени, нараквици, седишта за мотори, елеци...
- Еден период живеев и работев на Малта, и можам да кажам дека таму интересот за мојата работа беше доста голем. Таму луѓето веќе беа запознаени со ледер крафтинг, а порачките беа претежно за седишта за мотори, вели Костиќ.
Оригиналната изработка ја препознаваат и странски компании кои бараат изработка на апликации и логоа. Костиќ вели дека ќе продолжи со резбарањето кое бара многу труд и часови поминати пред тенкото и обичното парче кожа кое преку изработката станува уникатно уметничко дело.
Александра Максимовска