Седум образовни асистенти од Крива Паланка ќе работат со ученици со пречки во развојот во образовните институции од градот во рамки на проектот „Цело е кога има се“ кој локалната самоуправа на општината го имплементира во рамки на програмата општинско-корисна работа, поддржан од УНДП, Агенција за вработување и Министерство за труд и социјална политика.
Почетокот на проектот денеска беше означен на официјален настан на кој присуствуваа претставници од општината, Центарот за вработување, Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост, како и раководни лица и психолози од СОУ "Ѓорче Петров", ООУ "Јоаким Крчовски" и ООУ "Илинден".
Градоначалникот Борјанчо Мицевски ги поздрави присутните и истакна дека проектот е промоција на инклузивното образование.
Општинскиот координатор на проектот, Елена Христовска, рече дека седумте образовни асистенти ќе им помагаат на учениците со пречки во развој за време на насатавата.
- Асистентите ќе помагаат за подобро усвојување на наставните содржини, како и со нивните домашни и училишни задачи. Асистентите веќе од утре ќе бидат вклучени во наставата, а ќе ги обавуваат активностите во период од девет месеци во текот на учебната 2018/19 година, дневно по четири работни часа. Ангажиран е и еден социјален работник во Дневниот центар за лица со интелектуална попреченост, како и лица со оштетен вид, информира Христовска.
Општина Крива Паланка годинава учствува по трети пат во Програмата за Општинско корисна работа, претходните две години реализираше проекти за нега на стари лица во рурални населби, со кој првата година беа ангажирани девет лица и опслужени 120 корисници, додека втората година беа ангажирани 15 лица за 170 крајни корисници.
Проектот „Цело е кога има се“ за седумте образовни асистенти ќе трае девет месеци во учебната 2018/2019, а ангажираните лица ќе примаат бруто износ по 9.000 денари за 20 работни часа неделно. Останатите две ангажирани лица, социјалниот работник и физиотерапевтот, ќе бидат ангажирани шест месеци, заклучно со 28 февруари 2019 година, а ќе имаат ист износ надомест, 9.000 денари месечно.