Осумдесет и девет сообраќајни несреќи се случиле во тетовско во текот на август оваа година. Оваа бројка е за четири несреќи помала во однос на истиот месец лани, информираше портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.
- Овој август две од несреќите завршиле со исто толку загинати лица, седум лица се задобиле со тешки повреди, 66 лесни телесни повреди додека во 29 несреќи била причинета само материјална штета што вкупно се проценува на над три милиони и 100 илјади денари, рече Јосифовски.
Според неговите податоци над половина или 49 од несреќите се случиле на тетовските улици пред се на булеварите „Илинденска“, „Видое Смилевски Бато“ и „Маршал Тито“ потоа на автопатот Гостивар-Тетово-Скопје и регионалните патишта кон Пирок и Волковија. Овој месец најчеста причина за сообраќајките, особено за оние со најтешки последици повторно е неприлагодена брзина односно пребрзо возење со 26 случаи, во 20 наврати тоа било неправилно вршење дејствие, недавање првенство со 14 сообраќајки...
Во август се случиле и 11 излегувања од коловоз при што два случаи биле предизвикани од животни, претежно од кучиња. Во 10 несреќи учесници биле и паркирани возила.
Полицијата во август во тетовско контролирала вкупно 4.476 возила при што биле откриени 1.749 најразлични видови прекршоци. Од сообраќај биле исклучени 72 возила и 152 возачи. Откриените прекршоци биле санкционирани со 873 мандатни и 622 прекршочни платни налози.