Британската премиерка Тереза Меј денеска изјави дека двајцата Руси, кои Велика Британија ги посочи како осомничени за труењето на пребеганиот агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија, биле припадници на руското воено разузнавање.

Меј рече дека британските разузнавачки служби ги идентификувале Русите, Александар Петров и Руслан Боширов како извршители на труењето на Скрипал, кој живееше во Велика Британија откако пребега од неговата матична Русија. Двајцата се обвинети дека дошле во Лондон од Москва на 2 март, два дена пред труењето на Сергеј и Јулија Скрипал. Според обвинението, тие формирале заговор за да извршат обид за убиство со употреба на нервниот отров новичок.

Според британското обвинителство, можно е имињата кои двајцата Руси ги користеле да влезат во Британија да се лажни. Британија не бара екстрадиција на двајцата осомничени од Русија затоа што руското законодавство тоа не го дозволува.

Сергеј и Јулија Скрипал го преживеаа труењето, но уште двајца британски жители на градот Солсбери, каде што беше извршено труењето, дојдоа во контакт со отровот. Еден од нив почина.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/09/2018 17:11