Обезбедени се нови 10 милиони денари за доизградба на патниот правец Бигла - Виница. Со дополнителните средства од државниот буџет предвидено е асфалтирање и реконструкција на дополнителни 2 километри од овој патен правец со комплетна реконструкција на патот кој поминува низ село Трсино.

- Проектот за изградба на патниот правец село Бигла-Виница е во завршна фаза од реализацијата. Досега се асфалтирани околу 2,5 километри од делчевска страна на патот, а во тек се градежните работи за асфалтирање на делот кој припаѓа под општина Виница. Со тоа наместо првично предвидените 4,6 километри сега ќе се асфалтираат 6,5 километри. Реконструкцијата опфаќа и проширување на коловозот од три на пет метри, информираше градоначалникот на Делчево Горан Трајковски.

Градежните работи за овој патен правец се влезени во програмата на Јавното претпријатие за државни патишта и за него наместо првично предвидените 52 милиони денари, од државниот буџет се издвоени 62 милиони денари.

Изведувач на работите за доизградба на патниот правец е ЈП „Македонија пат“, а градежните работи треба да завршат до крајот на септември.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/09/2018 18:06