Претставници на Македонската развојна фондација за претпријатија и CARE Германија-Луксембург на информативната средба со земјоделци, земјоделски стопанства и земјоделски задруги од полошкиот регион во Тетово ги претставија предностите од здружувањето во задруги како и можностите за аплицирање за техничка и финансиска поддршка за формирање и за развој на земјоделски задруги во Македонија. Вкупно во целата држава се планирани 20 вакви информативните средби како дел од проектот „Поддршка за развој на земјоделските задруги“. Проектот е финансиски поддржан од Европската Унија.

- Цели што сакаме да ги постигнеме се подобрување на законската регулатива за земјоделските задруги, промоција на концептот за нив, поддршка на чадор организации за вакви задруги како федерации, асоцијации и здруженија на земјоделски задруги и техничка и финансиска помош за околу 20 земјоделски задруги со вкупен износ од околу еден милион евра, изјави претставникот на Македонската развојна фондација за претпријатија, Лазар Недановски.

Тој посочи дека во Македонија сега има околу 40 земјоделски задруги меѓутоа според Неданоски најголем дел од нив се со ниско ниво на активности.

- За да функционираат земјоделските задруги луѓето мора да си веруваат меѓу себе, но и да разберат дека како сами се многу мали и имаат ограничени можности да успеат на пазарот. Едниствен начин е да се здружат во оние области каде имаат заеднички интерес како набавка, продажба, магацин за производите и слично, рече Недановски.

Како успешен пример на средбата во Тетово беше претставена земјоделската задруга Златна долина од Славонија, Хрватска при што нивниот претставник Мирослав Ковач посочи дека во нивниот случај станува збор за здружување на 13 селани уште во 2001 година за сега заеднички да имаат ветеринарна амбуланта, млекарница и продажен простор што освен за нивните потреби се користи и од други земјоделци.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/09/2018 18:58