Претставници на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер денеска сведочеа пред Комисијата за разузнавање на американскиот Сенат за начинот на кој овие мрежи се злоупотребуваат од странски разузнавачки служби за да се оствари влијание во американската политика.
Твитер беше претставен од директорот Џек Дорси, а Фејсбук ја испрати оперативната директорка Шерил Сендберг, кои признаа дека нивните организации направиле пропусти кои дозволиле ширење на лажни вести од странство.
- Тргнавме стотици страници и профили кои вршеа координирано неавтентично дејствување, односно лажно ги наведуваа другите корисници околу тоа кои се и со што се занимаваат, изјави Сендберг за постапките на Фејсбук, признавајќи дека компанијата бавно реагирала и рече дека е соочена со „трка во вооружувањето“ со факторите кои сакаат да го искористат Фејсбук.
Демократската партија во САД особено остро ја критикува оваа компанија, обвинувајќи го Фејсбук и ширењето на лажните вести, како и продавањето на податоците на корисниците што ги собира Фејсбук, за поразот на Хилари Клинтон на претседателските избори во 2016 година.
И Дорси изјави дека Твитер ја засилил контролата врз корисниците на социјалната мрежа по изборите во САД, а посочи и случај минатиот месец кога пријавил појава на корисници од Иран.
- Се покажа дека не бевме подготвени за сериозноста на проблемот со кој се соочивме и преземаме целосна одговорност за тоа, изјави Дорси откако сенаторите порачаа дека ризикот на кој овие компанија ја изложиле американската политика е неприфатлив.
Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, ги обвини големите социјални мрежи и особено Гугл, дека се позиционирани далеку на левицата и замолчуваат десничарски коментатори во пресрет на конгресните избори во ноември. Гугл реши да не го испрати директорот Лери Пејџ, кој исто така беше повикан да сведочи, а место тоа компанијата испрати соопштение за јавноста. Акциите на Фејсбук и Твитер паднаа за време на сведочење.
Контроверзниот коментатор Алекс Џонс, познат по тврдењето дека убиството на децата во Сенди Хук во 2012 година е лажирано, неодамна беше координирано тргнат од повеќе социјални мрежи. Џонс присуствуваше на сведочењето на Дорси и Сендберг, по што ги обвини овие мрежи дека вршат цензура. Џонс воедно се конфронтираше со сенаторот Марко Рубио, што за малку ќе прераснеше во тепачка.