Владата денеска усвои Предлог-закон за нов анекс на Договорот за изградбата на автопатот Кичево – Охрид во должина од 57 километри со кинески „Синохидро“, а со кој се овозможува ослободување на 205 милиони евра од претходно обезбедените финансии за проектот, со што ќе се интензивираат градежните активности на терен и ќе се овозможи исплата на домашните компании ангажирани како подизведувачи.

Со предлогот е предвидено со нов, трет анекс, пак, што би се склучил околу 10-ти следниот месец да се утврдат цените за дополнителните градежни работи неопходни за одблокирање на проектот што беше во застој поради проблеми со проектната документација, несоодветни геомеханички испитувања, нерешена експропријација на земјиштето.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески по денешната седница на Владата најавија дека законот уште денеска ќе биде испрати во Собранието. Со тоа, како што истакнаа, почнува да се решава проблемот за овој капитален проект, кој заедно со планираното интензивирање на работите за железничката делница Куманово – Бељаковце и за гасоводот треба да овозможи подобрување на состојбите во градежништвото по големиот пад во изминатиот период.

Анѓушев појасни дека Владата одлучила да го продолжи проектот затоа што согласно со договорот што го склучила претходната власт со „Синохидро“, реалната состојба на терен и обврските што не ги исполнила македонската страна, изведувачот најавил низа жалби со кои ќе се плателе големи оштетни побарувања и можело да дојде до ситуација и воопшто да не се изгради патот. Во таква ситуација ќе имало огромни штети за ангажираните домашни компании и ќе се предизвикал домино ефект врз целата економија. Со помош на домашни и странски експерти и консултанти успеале да договорат „Синохидро“ да се откаже од жалбите, а услов за македонската страна со преговарите кои се во завршна фаза е значително намалување на разликите во цените со подизведувачите согласно ФИДИК правилата.

- Од она што го имавме како евиденција цените коишто се плаќани од страна на нашите претпријатија кон „Синохидро“, а понатаму за истите тие работи кај што работеле подизведувачите што „Синохидро“ ги платил кон македонските подизведувачи, во просек има разлика во цената од 56 проценти. Тоа е така направено во основниот договор, а ние тоа не можеме да го продолжиме. Апсолутно беше услов и без тој услов не продолжуваме, односно тие разлики во цените да се намалат и да бидат согласно ФИДИК правилата, да има цена на подизведувач, признаен трошок на изведувачот..., рече Анѓушев.

Во преговорите, дополни, мислам дека тие разлики ќе ги намалиме до 10 проценти, што значи дека ќе се направи 46 проценти разлика во цената за дополнителните количини кои се надвор од договорот, и кои ќе следат, а кои се предизвикани од дополнителните клучки, усеци, регионални патишта, и промена на технологија на тунелот.

Очекува во септември, октомври и доколку дозволат временските услови и во текот на зимата, интензивно да се работи и да има сериозна градежна офанзива на оваа делница.

Како што укажа министерот Сугарески, се ослободуваат 205 милиони евра кои ќе можат да се користат по сите ставки бидејќи согласно основниот Договор дел од средствата за одредени ставки не можеле да се користат. - Со овој Предлог закон завршуваме работа за два момента, едниот дел е да продолжи изградбата на сегментите каде е застаната, а вториот е да може да се вршат плаќањата на кинеската компанија кон другите компании кои работат, рече Сугарески.

За изградбата на автопатската траса во должина од 57 километри ќе треба да се примени целосно нова технологија за изградба на тунелот кај Врбјани во должина од четири километри, кој со првиот проект бил предвиден за градба на земјипште со прва категорија, наместо со шестам односно на меко змејиште а не на карпест дел како што с епрепчорачува од експретите. Воедно ќе треба да се градат девет нови клучки и регионални патишта со оглед дека со постојниот проект не е предвидено поврзување на околните населени места со автопатската делница.

Изградбата на автопатот стартуваше во февруари 2014 година и според постојниот договор требаше да чини околу 400 милиони евра.Со продолжувањето на рокот за изградба автопатот треба да биде готов до средината на 2021 година.

Според најавата од министерот Сугарески, рокот за изградба на автопатот Миладиновци-Штип што завршува на крајот на месецов нема да биде пролонгиран од аспект на градежни работи, туку е можно минимално продлжување на активности за поставување сигналзиација и слични активности.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/09/2018 12:33