Македонија има капацитет да го достигне проектираниот раст од 3,2 проценти, смета министерот за финансии Драган Тевдовски, а според гувернерката на Народната банка на Република Македонија Анита Ангеловска-Бежоска постојат ризици и тоа ќе зависи од тоа што ќе се случува во натамошниот период.
- И нашите макроекономски показатели и сите податоци што ги објавува Државниот завод за статистика, зборуваат дека економијата оди во позитивна насока и тоа е најважно. За вториот квартал растот на БДП е 3,1 процент, имаме раст на индустриското производство, странските директни инвестиции кои се 325 милиони евра, стапката на невработеност е намалена, имаме раст на платите, приходите од даноци се согласно нашите проекции и имаме ликвидност. Сметаме дека Македонија има капацитет да го достигне проектираниот раст од 3,2 проценти, рече министерот за финансии по денешниот редовен состанок на Комитетот за финансиска стабилност.
Според него, најважно е што економијата почнува сериозно да расте и додава дека има сегменти за уште поголеми очекувања, а преземени се веќе и мерки што во наредните квартали ќе обезбедат раст и во градежништвото.
Изрази очекувања дека во последниот квартал ќе дојде до забрзување на реализација на капиталните инвестиции.
Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска потенцира дека по економската стагнација сега е остварен раст на економската активност што е значајно и што укажува генерално на позначајни поместувања кај економската активност.
- Сепак дали стапката на раст од 3,2 проценти ќе се оствари во голема мера ќе зависи што ќе се случува во натамошниот период. Ризиците не можам да кажам дека не постојат, постојат со оглед на тоа што во првите кваратали ако гледам кумулативно економскиот раст од 1,6 проценти, нашите очекувања за првото полугодие е некаде околу три проценти. Сепак, ако се гледаат податоците структурно внатре виза ви нашите проекции јасно е дека отстапувањето и потфрлањето е повторно концентрирано во сегментот на инвестиции и дека повторно клучно понатаму да биде ревитализација на инвестициски циклус во нашата економија, посочи Ангеловска-Бежоска.
Ангеловска истакна дека годинава има постепено забрзување на активноста на банкарскиот систем што се гледа преку раст на депозитната база, но и преку кредитната активност. Таа очекува дека до крајот на годината ќе има забрзување на кредитната активност од аспект на пораката што ја праќаат до банките преку макроекономските фундаменти што се присутни.
- До крајот на годината се очекува постепено забрзување на кредитната активност, иако во претходните две години бевме сведоци на прилично забавена кредитна активност која во основа не одразуваше толку економски фундамети, туку повеќе неизвесност и неекономски фундамети. Сега со постепено стабилизирање на состојбите се гледа одредено заживување на кредитната активност и очекуваме и преку овие мерки што ги преземаме да се обезбеди натамошен стимул и натамошно постепено интензивирање на кредитната активност до крајот на годината, потенцира гувернерката.