Воена парада по повод 70-годишнината од постоењето на Северна Кореја се одржа во главниот град Пјонгјанг.

Агенцијата Јонхап оценува дека на парадата учествувале 10.000 војници на Корејската народна армија. Биле прикажани артилериски системи, тенкови и друга борбена техника, но не и меѓуконтинентални балистички ракети, ниту балистички ракети со мал и среден дострел. Низ главниот град не биле забележани плакати, кои го потенцираат значењето на нуклеарниот и ракетен развој за Северна Кореја.

Според експертите, тоа претставува начин да не се разгорува атмосферата во момент кога се прават обиди за дијалог со САД. Демонстрацијата на меѓуконтинентални балистички ракети на 8 февруари годинава, на парада по повод 70-годишнината од формирањето на севернокорејската армија, предизвика негативна реакција кај Јапонија и западните земји.

Освен тоа, севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун не одржа говор. Наместо него тоа го направи претседателот на Парламентот, Ким Јон-нам, кој се осврна на економските цели на власта, а не на нејзината нуклеарна сила. Тоа покажува дека новата стратегија на Ким Џонг-ун е да се стави акцент врз развој на економијата.

На парадата учествуваа претседателката на Горниот дом на рускиот Парламент, Валентина Матвиенко и претседателот на кинескиот Парламент, Ли Чаншу, кој е специјален претставник на шефот на кинеската држава Си Џинпинг.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/09/2018 12:32