Граѓаните не можат да бидат сигурни дали кога купуваат стан добиваат навистина енергетски ефикасен објект од „А“ категорија како што стои во проектната документација или „Б“, па дури и „Ц“ класа, зашто често, потрошувачката на енергија по пуштањето во употреба на станбениот објект е многу поголема од теоретски предвидената пред неговата изградба.

Како што беше речено денеска во Стопанската комора на Македонија, сертификатите за енергетска ефикасност на становите согласно легислативата во овој момент, се издаваат врз база на проектната документација, но во текот на изградбата се случуваат најразлични промени кои потоа доведуваат до отстапувања.

- Енергетската ефикасност се разгледува само на почеток, на ниво на проектирање, но дали тоа што е ставено на хартија навистина излегува и на дело кога зградата или објектот ќе се пушти во употреба? Анкетите покажуваат дека тоа засега не е случај. Голема е дискрапанцата меѓу потрошувачката на енергија што била предвидена и онаа што е реална во пракса, истакна Игор Панчевски, експерт за енергетска ефикасност.

Според него, причини за тоа се комплексноста на процесот на градба, како и вештините на работниците.

- Изградбата е фрагментиран, мултидисциплинарен процес што вклучува градежништво, архитектура, машинство, електрика,... Сите тие не можат да ја применат секоја мала измена направена во одредени сегменти за време на изградбата. Некои од нив дури не ја ни знаат измената. Тука се многу битни и вештините на работниците. Може да имате колку сакате добри материјали, да ставите одлични прозори, но ако оние што се на терен тоа не го имплементираат добро, ефектите ќе бидат слаби, укажува Панчевски.

Има објекти што се проектирани како една класа, а потоа се покаќува дека се сосема друга, поради што и граѓаните добиваат многу повисоки сметки.

За надминување на ваквите пропусти, Комората најавува нов 30-месечен проект т.н. „Тренинг“ кој ќе ги обучува работниците и компаниите - изведувачи на добро поставување изолација, прозоори, врати. Ќе се промовира алатката „Бим“ што ги обединува сите фактори во изградбата за тие да можат да ја следат секоја промена при реализацијата на проектот. Со тоа, велат од Комората, ќе се намали или елиминира разликата во потрошувачката на енергија од проектирањето до пуштањето во употреба и користењето на зградите/објектите.

„Бим“ е европски тренд и го применуваат сите развиени западни земји.

Новиот проект на Стопанската комора ќе се реализира во соработка со шпански партнер и со Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ). Дел е од програмата „Хоризонт 20-20“, а официјално ќе почне со „Кик оф“ конференција во Скопје, на 27 септември. Се очекува проектот да опфати 30 компании и 230 професионалци да добијат сертифкат за имплементирање „Бим“ во нивните фирми.

Според експертите, скоро 40 отсто од потрошувачката на енергија и енергенси припаѓа на градежништвото.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/09/2018 14:25