Европскиот социјален фонд нуди 70 милиони евра за вработување и мобилност на младото население во државите, а досега Европската Унија во Македонија има дадено повеќе од 8,8 милијарди евра, изјави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска при денешната работна посета на општина Ранковце.
Како што рече, тоа се значителни средства коишто, доколку директно се инвестираат во вработувања, ќе создадат подобри услови. - Она што Владата го направи е зголемувањето на минималната плата, поддржавме раст на платите до 18.000 денари и продолжуваме понатаму. Затоа сметам дека со гласањето „за“ на референдумот на 30-ти септември заедно можеме да направиме повеќе и младите да останат во нашата држава и да ги донесеме европскиот квалитет и стандарди во нашата држава, додаде Царовска. При посетата на општина Ранковце, министерката за труд се сретна со градоначалникот Ивица Тошевски, а посети и неколку погони.