Владата максимално вложува да ја подобри функционалноста на општините и услугите што ги испорачуваат. Работиме на подобрување на условите за живеење на локалниот економски развој, што е примарно за граѓаните, изјави денеска министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу на 15. средба на консултативниот комитет меѓу Република Македонија и Комитетот на регионите на ЕУ.

Министерот ја истакна важноста од поддршката на локалните власти од страна на земјите-членки на ЕУ, посочувајќи дека локалните власти во Македонија имаат значајна улога во процесот на интегрирање во Унијата, пред се преку имплементација на проекти за прекугранична соработка, за што, како што рече, од страна на ЕУ за вториот програмски период се обезбедни околу 100 милиона евра.

- Улогата на локалните власти е од особено значење и преку директно учество во имплементирањето на околу 70 отсто од националното законодавство усогласено со европското, рече Фазлиу.

Додаде дека состанокот е дел од евроинтеграцискиот процес што го води Република Македонија.

- Верувам дека референдумот на 30 септември ќе биде демократски чин на јасно изразување на волјата на граѓаните, која ќе потврди дека нашата перспектива ја гледаме во ЕУ и во НАТО преку поддржување и градење заеднички вредности и политики и во областа на локалната самоуправа, изјави министерот Фазлиу.

Јасна Габриќ, градоначалничка на општина Трбовље во Словенија, која е и претставник од Комитетот на региони на ЕУ и копретседавач со комитетот заедно со градоначалникот на општина Штип Благој Бочварски, рече дека Македонија направила многу на планот на пристапувањето кон ЕУ и оти се надева дека идната година земјава ќе потпише почеток на пристапни преговори.

- Приближно 70 отсто од финансирањето се одвива на локално ниво и во таа смисла ќе биде многу значителна соработката на општините во регионот, на општините во Македонија и на општините од државите-членки на Унијата, рече Габриќ.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов посочи дека денешната тема на ЗКК е посветена на фискалната децентрализација.

- Веќе сме во активен процес на функционална децентрализација што за жал досега во изминативе 11 години го нема следено процесот на фискална децентрализација. Помошта што ја имаме од нашите колеги од Европската унија се однесува токму на таков вид искуства, бидејќи мора да имаме предвид дека очигледно следната година ќе ги започнеме преговорите за полноправно членство, рече Шилегов.

Посочи оти како градоначалници во ЗЕЛС се должни да ги организираат единиците на локалната самоуправа да излезат во пресрет на очекуваната фискална децентрализација од една страна, и подобрување на перформансите на администрацијата во рамки на општините.

Додаде оти се прават сериозни подготовки за аплицирање на ИПА 3 што почнува со имплементација во периодот од 2021 до 2027 година.

- Мораме да ја подобриме работата на општинските администрации во оној дел каде што имаме сериозни аномалии како општини, а тоа е подобрување на перформансите во собирањето даноци, односно давачки на единиците на локалната самоуправа, нешто што општините не успеале до крај да го изведат и сериозна борба против корупцијата и зголемување во транспаренноста на работењето, посочи Шилегов.

Благој Бочварски, градоначалник на општина Штип, рече дека денешната тема е одбрана имајќи предвид дека Република Македонија е една од најцентрализираните држави.

- Тежнееме кон поголема децентрализација, со што државата ќе оддели повеќе средства за општините, со цел поефикасно да ги решаваме секојдневните проблеми на граѓаните, рече Бочварски.

Инаку, првата тема, на која секогаш се дискутира на состаноците на ЗКК, се однесува на „Размена на ефективен ангажман на локални и регионални власти на патот на пристапување кон ЕУ“. Втората тема е променлива и на овој, 15. состанок е посветена на „Фискална децентрализација и политика на локални давачки“.

Заедничкиот консултативен комитет меѓу РМ и Комитетот на регионите на ЕУ (ЗКК) е воспоставен во 2008, со цел да ја подготвува основата за проширувањето на Унијата, преку унапредување на политичкиот дијалог и соработка меѓу локалните и регионалните власти. Го сочинуваат 22 делегати, по единаесет од секоја договорна страна и исто толку заменици. Делегатите од Македонија се градоначалници и општински советници. Генерално се одржуваат по две сесии во годината, едната во Македонија, другата во Брисел.

Последниот состанок на ЗКК беше одржан на 3 мај годинава во Брисел.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/09/2018 16:31