Министерот за економија Крешник Бектеши денеска беше во работна посета на компанијата „Даути Комерц" во општина Сарај, каде најави дека Министерството за економија ќе продолжи со поддршка на малите и средните претпријатија, за кои годинава се одвоени 20 милиони денари со кои се поддржани 81 компанија.
- Даути има големо искуство во деловното работење. Информирав за посветеноста на Министерството за економија во реализацијата на економски проекти и програми во нашата земја, каде што најважен сегмент е имплементацијата на мерките од Планот за економски раст. И една од целите за промовирање на инвестициите е да им дадеме можност на домашните компании да инкорпорираат нови технологии во нивните производствени процеси и да градат капацитет за развој на деловни односи со странски компании и продирање на нивните производи на поголемите пазари, рече Бектеши.
Бектеши апелираше до компаниите активно да ги следат јавните повици за мерки кои се дел од владината програма за економски раст и да не се двоумат, да аплицираат под пропишаните услови, за на овој начин да придонесат за економски раст и подобар стандард за сите граѓани.
Еден од сопствениците на ДАУТИ Комерц, Џемали Даути, се заблагодари на поддршката што ја добива компанијата од Министерството за економија при тоа наведувајќи дека трипати ја добиваат наградата за општествена одговорност и дека ваквата поддршка ќе биде мотив за освојување на уште поголеми пазари.
На средбата присуствуваше и градоначалникот на Сарај Блерим Беџети.