Влезот во НАТО и ЕУ значи повисоки откупни цени, сигурен пласман, зголемени европски субвенции, нови вработувања, поголем извоз и влез на пазар од 500 милиони потрошувачи, рече денеска министерот за земјоделство Љупчо Николовски кој беше во Демир Капија.

Николовски порача дека Македонија се наоѓа во еден од клучните моменти, пред одлуката што ќе значи евроатлантско интегрирање кое, пак, ќе овозможи подобра економија и подобри денови за земјоделството.

- Затоа, 30 септември е денот кога треба да излеземе и да гласаме за европска Македонија, апелира министерот.

Се осврна на досегашната државна поддршка, на новите мерки за лозарството, како и на дополнителната субвенција од еден денар за продаден килограм „смедеревка“ и „вранец“.

- Оваа година преку Програмата за директна поддршка определивме и 20 отсто зголемени субвенции за сите што имаат еден до десет хектари лозов насад. Воведовме нови мерки и политики, меѓу кои најзначајната е дополнителна поддршка од 12.000 денари за промената на сортиментот на лозовиот насад, но оваа година е значајна и по тоа што нема никакви долгови од страна на винариите кон лозарите за откупеното грозје од ланската реколтата. Имаме и историски највисока цена од 13,67 денари за откупен килограм грозје, рече министерот.

Според него, субвенциите беа исплатени кога им беа најпотребни на лозарите. Вкупно 745 милиони денари се испалтени во декември и јануари.

Министерот Николовски ги посети пунктовите за откуп на грозје во селото Корешница, а попладнево заедно со заменик министерот за животна средина Јани Макрадули се среќава со жителите на Демир Капија. Предвидени се и обраќања на двајцата министри на граѓанскиот собир на плоштадот во 19 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/09/2018 17:37