Новите 100 милиони евра од евтината кредитна линија од Европската инвестициска ќе поддржат многу компании, рече министерот за финасии Драган Тевдовски при денешната посета на производствено-логистичкиот центар на Пекабеско.
Тевдовски наглАси дека Владата преку оваа кредитна линија, но и преку низа други мерки се залага да обезбеди пристап до капитал за овие претпријатија, за нови инвестиции и нови работни места.
Како што информираше Драган Мартиновски, главен извршен директор на Македонската банка за поддршка на развојот МБПР средствата од новата кредитна линија за која денеска беше потпишан договор ќе бидат пласирани во 20 транши кои треба да бидат повлечени во наредните две години.
- Средствата ќе бидат пласирани како и кај претходниот по најповолни услови и нема да надминат 3,5 проценти за крајните корисници, вели Мартиновски.
Компанијата „Пекабеско“ со пет милиони евра од евтините кредитни линии од ЕИБ, има изградено нова фабрика во која денеска работат 160 работници, со што вкупниот број на вработени во компанијата надмина 470 вработени.
Првиот извршниот директор на Пекабеско, Слободан Кутревски, укажа дека со изградбата на новата фабрика двојно го зголемиле производството и за три пати го зголемиле извозот на сувомеснатите производи.
- Купивме уште четири хектари земјиште околу фабриката за проширување на производството при што планираме да аплицираме и за новата кредитна линија, информираше Кутревски.
Според потпретседателот на ЕИБ, Ендру МекДауел, многу е добро да се види каде се пласираат средствата.
- Тоа што е постигнато овде во оваа компанија, е она што сакаме да го постигнеме, а тоа е нови инвестиции, повеќе вработени, зголемено производство и зголемен извоз, истакна потпретседателот на ЕИБ.
Поддршката на ЕИБ во изминатите години придонесе да се создадат околу 6.000 нови работи места во речиси 2.000 мали и средни компании.