Сите физички лица кои во текот на 2018 година имаат остварено приход, вклучувајќи и оние што примиле само плата и пензија, треба електронски да се регистрираат во Управата за јавни приходи на системот Е-персонален данок.

Од УЈП, како што беше посочено на денешната прес-конференција, ги повикуваат граѓаните тоа да го направат поскоро и да не се чека крајниот рок 31 декември 2018 година.

Обврска за регистрација во системот имаат сите физички лица кои оствариле приходи по кој било основ – плата, регрес за годишен одмор, приходи од закуп, добивка од игри на среќа, од странство, пензија и други приходи кои подлежат на оданочување со персоналниот данок на доход заради прием на пополнетата годишна даночна пријава што од 1 јануари 2019 година ќе ја доставува УЈП.

Физичките лица ќе треба електронски да се пријават на системот e-pdd.ujp.gov.mk. Откако електронски ќе се пријават на системот потоа си ги потврдуваат податоците во УЈП.

- Eдинствениот услов за регистрација на системот е да имате валидна е-пошта која ќе биде корисничко име за најва на системот и ќе служи за комуникација со УЈП. На најавната страна на системот е-персонален данок има дел за регистрација на нов корисник на системот. Со влегување во овој дел од системот ќе се отвори мени во кое треба задолжително да се внесат податоците за идентификација, појасни Мухамед Авдиќ од Управата за јавни приходи.

Тој појасни дека врз основа на внесените податоци автоматски се генерира барањето за регистрација на системот е-Персонален данок, кое треба да се испечати и да се поднесе во надлежната даночна канцеларија на УЈП, при што треба да се отиде лично и да се приложи документ за идентификација или пак да дојде полномошник со полномошно заверено на нотар.

Пополнетата годишна даночна пријава преку електронскиот систем УЈП треба да ја достави до граѓаните најдоцна до 30 април 2019 година, а граѓаните ќе треба да ги потврдат или коригираат податоците од пополнетата даночна пријава најдоцна до 31 мај 2019 година.

Во електронскиот систем досега се регистрирани 13 илјади граѓани.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/09/2018 15:39