Министеркaта без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска е во посета на Солун каде што се одржува 83-от трговски саем „Хелекспо“. Во рамки на посетата таа оствари повеќе работни средби со претставници на реномирани американски компании од повеќе индустриски сектори, како што е производство на компоненти за авионската индустрија, производство на машини за рециклирање, наменско производство, производство на светлосни уреди, софтверски решенија за игри на сеќа, производство на стаклена амбалажа и текстилната индустрија.
Од кабинетот на министерката информираат дека на работните средби стана збор за можностите и стимулативните услови за инвестирање во Македонија кои се нудат со мерките од владиниот План за економски раст. Од страна на министерката Апостолска е потенцирано дека со Законот за финансиска поддршка на инвестиции е воведен транспарентен процес на финансиска поддршка за реализација на нови инвестиции од страна на странски компании, при што беше посочено дека владините економски политики се унапредени во правец на поставување цврста правна рамка, со јасно поставени, јавно достапни и однапред познати критериуми.
Во рамки на оваа работна посета, министерката Апостолска ја посети и индустриската зона во Солун, каде имаше средба со претставници на компанија која се занимава со производство на амбалажа од стакло, а на која од нејзина страна беше презентиран пакетот мерки за поддршка на инвестициите од Планот за економски раст.
Оваа година почесна земја-гостин на саемот се Соединетите Американски Држави(САД), од каде беа присутни голем број на компании.