Со успешно придвижување кон НАТО и кон ЕУ може да се очекува забрзување на економскиот раст, а евроатланските интеграции ќе обезбедат можности за повисок раст од оној кој е проектиран за оваа година.

Ова го истакнува министерот за финансии Драган Тевдовски во интервју за МИА во кое наведува и дека македонската економија се движи во позитивна насока.

- Од ЕУ сигурно дека имаме огромни придобивки, бидејќи практично имаме грантови и европските даночни обврзници ни помагаат да изградиме нешто што е потребно како автопатишта и друга инфраструктура, пречистителни станици и слично. ЕУ приближувањето секако значи и ставање ред, подобра регулатива, достигнувања стандарди во сите области, вели министерот.

Тој додава дека за НАТО нема дилема дека е најмоќниот воен сојуз и тоа е практично гарант за безбедност и за инвеститорите.

- Секој инвеститор кога планира каде да инвестира тој размислува прво таму каде што е безбедно, а НАТО е гарант за безбедност. Од тие причини, земјите од регионот кои влегоа во НАТО пред нас имаа многукратни позитивни ефекти на економијата. Првиот канал се секако странските инвестиции. Ако ги погледнеме во Црна Гора пред и после влезот во НАТО двојно се зголемени. Слична е ситуацијата и во Албанија и во Бугарија, каде се повеќе од двојно зголемени странските инвестиции, некаде дури од девет проценти од БДП на 19,6 проценти од БДП, посочува министерот за финансии.

Тој додаде дека ако се гледаат и бруто инвестициите во земјите што станаа дел од НАТО во 2004 година има сериозно зголемување од 25 проценти на 31 процент од БДП.

- Сето ова ги придвижи економиите. На пример во Бугарија пет години пред и по влезот во НАТО е двојно зголемен растот и економското толкување за тоа е логично. Инвеститорите сакаат да вложат таму каде има безбедност и сигурност и тоа е многу поважно од сите оние други фктори како што се даноци, услови за водење бизнис. Вложувањата значи дека тие градат нови производствени капацитети вложуваат во опрема, отвораат работни места што пак значи дека луѓе добиваат работа, земаат плати, влегуваат во инвестиции и потрошувачка и економиите одат напред и се движат. Ова се ефекти што би требало да се очекуваат и во Македонија. Исто така, создавањето конкуренција меѓу фирмите ќе прави и фирмите да се обидуваат да привлекуваат подобри вработени, да даваат повисоки плати, а сето тоа ќе го подобрува животниот стандард, истакнува министерот за финансии Драган Тевдовски.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/09/2018 11:16