Со поддршка на Светска банка, за кусо време успеавме да напредуваме во клучни реформи. Ажурирана е стратегијата за долгот, направена е тековна ревизија на Законот за јавен долг и ИТ системот за управување со долгот, порача заменик-министерката зафинасии Ширет Елези на отворањето на работилницата за „Проекција на паричните текови и управување со парични средства“ што се одржува во Министерство за финансии.
Работилницата е организирана од Советодавната групација за управување со јавен долг на Светска банка и се реализира во рамки на Програмата за управување со јавниот долг и ризиците, поддржана од Државниот секретаријат за економски прашања (SECO) на Швајцарија.
На обуката покрај македонски претставници, има учесници од Тајланд, Албанија, Романија, Србија, Словенија и Косово.
Според Елези, има напредок и во делот на домашниот пазар на државни хартии од вредност. Креирани се мерки за понатамошен развој во овој сегмент.
- Оваа работилница е дел од „Програмата за управување со јавниот долг и ризиците“. Целта е да се зголеми свеста на управувачите со парични средства и долг за важноста на точните проекции на парични текови и солидни практики за управување со паричните средства, потенцира Елези.
На отворањето се обрати и заменик-амбасадорот на Швајцарија, Стефан Томагиан кој посочи дека поддршката на Министерството за финасии е еден од приоритетите на Швајцарија во Македонија.
- Особено поддршката на Министерството во делот на зајакнување на управувањето со јавните финансии, со фокус на даночната администрација, управувањето со долгот и статистиката за јавните финансии. Во делот на управувањето со јавен долг Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO), во партнерство со Светската банка, обезбедува поддршка за земјите во развој, за управување со јавен долг и ризиците. Ова се спроведува во рамки на Програмата за управување со долг и ризици. Македонија се приклучи кон оваа програма пред речиси две години, и оттогаш е една од најактивните земји во групата, истакна Томагиан.