Пролонгирано е пуштањето за сообраќај на автопатот Штип-Миладиновци, за половина месец, поради дополнителни градежни работи и врнежите од дожд. Министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски, директорот на Агенцијата за државни патишта, Зоран Китанов, градоначалниците на Штип и Свети Николе, Благој Бочварски и Сашко Велковски денеска направија увид на градежните работи.

- Сите работи кои излегоа како проблеми минатиот период беа корегирани, беа санирани. Така да во последните делови треба да се постави асфалт, значи станува збор за неколку километри, а можевте да приметите дека делови од автопатот може да биде ставен и во функција, бидејќи и обележувањата и осветлувањата се направени. Согласно роковите кои што ги имаме, крајниот рок беше 30. септември, согласно временските услови кои што беа ќе има многу минимално пролонгирање. Градежните активности очекуваме дека во наредниот месец, до средината или крајот ќе бидат комплетно завршини, рече Сугаревски.

Директорот на Агенцијата за државни патишта, Зоран Китанов информираше дека со министерот од Миладиновци до Свети Николе пристигнале возејќи се по автопатот, а проблемите се јавиле на делницата од Свети Николе до село Кадрифаково, каде што веќе се тргнати далноводите, а се појавиле и две нови свлечишта, кои како што вели, не биле третирани како што треба, односно да се испитуваат со геомеханика.

- Со големи напори се дојде до овој момент. Исто така, според укажувањата што ги имам од надзорот, пролетниот, па и почетокот на летниот дел и вие сте сведоци има евидентирано точно 35 врнежливи денови и тоа работни. Што значи дека ако денес врнело, утре не можете да работите. Значи некаде околу 50 до 60 дена навистина оперативите не можеле да работат на терен, а сите тие обилни дождови допринесоа да се јават и додатни две-три свлечишта, кои што се санирани, кои што се тргнати. Но, додатните градежни работи до крајот на месецот сите ќе бидат завршени, вели Китанов.

Претставници на ЈП „Македонски шуми“ беа на лице место заедно со Сугарески и Китанов за да се засадат багреми или други дрвја, кои ќе ги спречат свлечиштата.

Прашан, зошто изградбата на експресниот пат Штип-Кочани оди забавено, во споредна со експресниот пат Штип-Радовиш, кој забразно се гради, Китанов вели дека причината е недовршената експропријација на патот Штип-Кочани, но и исправањето, односно доведувањето во ред на проектната документација.

- Експресниот пат Штип-Радовиш отпочна да се гради со завршена експропријација од 98 проценти, а експресниот пат Штип-Кочани отпочна да се гради со експропријација од 7 проценти. Во меѓувреме засилено, со сите правни тимови појачани ја оттргнуваме и успеавме и таму да дојдеме до 90 %, за да може и таму забразно да се работи и да се отсранат некои препреки, кои што некој во минатото дал дозвола за нешто што е неизводливо, а тоа е патот е нацртан да кажеме врз маркица за асфалтна база на кинески Синохидро, рече Китанов.

Штипскиот градоначалник, Благој Бочварски рече дека се работи со одлична динамика на автопатот кој ќе овозможи побрз проток на луѓе и на стока од источниот и југоисточниот регион.

- На мое огромно задоволство можам да кажам дека овој автопат е во самата завршница. Овој автопат е многу важен за целиот источен, но и за југоисточниот регион. Го добиваме првиот автопат во овој регион и се поврзуваме со главниот град.Секое вложено евро во автопатишта враќа три евра во бизнисите и во економијата, што значи дека ова е вистински начин и за развој на економијата, за привлекување инвестиции, домашни и странски, со што ќе го заживееме целиот регион, вели Бочварски.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/09/2018 14:26