Јужнокорејскиот претседател Мун Џе-ин пристигна во Пјонгјанг на третиот состанок оваа година со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.

На меѓународниот аеродром Сунан во Пјонгјанг Мун Џе-ин беше пречекан од Ким Џонг-ун, како и од илјадници Севернокорејци, построени во тесни редови и облечени во црни костуми. Тие мавтаа со букети од вештачко цвеќе, севернокорејски знамиња и бело-сини знамиња со мапа која симболизира обединет корејски полуостров.

На аеродромот високиот гостин го пречека и сестрата на Ким Џонг-ун.

Лидерите на двете Кореи денеска и утре ќе одржат по една средба. Мун ќе се обиде да го подготви теренот за разговорите меѓу Пјонгјанг и Вашингтон за да даде импулс на „нуклеарната дипломатија“.

Досега, годинава имаше две средби меѓу двајцата лидери, но и двете беа одржани во пограничното село Панминџон.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/09/2018 09:53