Единствена цел на пререгистрацијата на граѓаните во системот на Управата за јавни приходи (УЈП) е да се подобрат услугите што оваа институција им ги дава на граѓаните, децидни се министерот за финансии Драган Тевдовски и премиерот Зоран Заев.
Таа, велат, е неопходна поради тоа што станува збор за комплетно нов систем, кој ќе овозможи УЈП да им ги испраѓа пријавите на граѓаните, а тие да подрвдат дали податоците се точни, а не како досега граѓаните да одат да пријавуваат во Управата.
- Јавноста треба да знае, ова што го подготвуваме е пред се да се подобрат услугите коишто ги нуди УЈП за граѓаните и оти тоа е модел кој го има во сите западни земји, рече Тевдовски.
Премиерот додаде дека се работи за сосема нов систем финансиран од ЕУ кој треба да овозможи еднаквост и комплетна транспарентност и оти е пожелно да се направи нова регистрација, затоа што, како што рече, ако нешто што се користи се дополнува, тоа ќе биде како залепено и целиот систем не би бил поставен на здрави основи.
- Целта на самиот систем е да биде поставен на здрави основи граѓаните да се регистрираат, а УЈП да ги известува за даночните пријави наместо како досега секој да има обврска да пријавува дали добил некој приход од страна или не, рече Заев.
Сепак, тој не ја исклучи можноста да се разгледа дали би можело да се искористат податоците барем на лицата кои примаат само плата или само пензии.
Министерот, пак, рече дека се разгледува и можност тимови да ги посетуваат пензионерите во домовите за да можат да им помогнат во пререгистрирањето.