Важно е Македонија да се интегрира во ЕУ и НАТО бидејќи на тој начин младите ќе останат во државата и ќе имаат перспективи каде да работат, истакна министерот за финансии во Владата на Република Македонија Драган Тевдовски за време на неговата денешна посета на Битола.
На средбата со градоначалникот Наташа Петровска и битолските стопанственици, Тевдовски посочи дека големи се бенефитите од членувањето во ЕУ и НАТО, пред се безбедност и сигурност, а тоа, како што рече, е најважно за инвеститорите.
- Кога инвеститорите донесуваат одлуки дали да инвестираат, ако тие знаат дека ние сме дел од НАТО тогаш ќе има прилив на странски инвестиции. Тоа го покажуваат и искуствата од државите во регионот, како на пример во Бугарија или во Црна Гора каде биле дуплирани инвестициите по зачленувањето во НАТО на тие држави. Со нови инвестиции ќе има нови работни места, а со тоа и работа за младите. Ќе има конкуренција која ќе врши притисок и ќе создава можности за да платите растат, нагласи Тевдовски.
Министерот за финансии потсети дека поддршката од ЕУ во сите овие години е голема и со пари на граѓаните на ЕУ во Македонија беше овозможено градење на патишта, пречистителни станици...
- Со доближувањето и членство во ЕУ можеме да очекуваме зголемување на европските фондови, рече Тевдовски и најави поддршка на општина Битола во справувањето со наследените финансиски проблеми на таа локална самоуправа.
Градоначалникот на Битола Наташа Петровска најави заеднички активности со Министерството за финансии за решавање на напластените долгови, како и поддршка на бизнис секторот во овој град.
- Ќе продолжиме синхронизирано да делуваме. Централната и локалната власт ќе се справат со затекнатите проблеми со кои општината се соочува, а на стопанствениците, пак ќе им излеземе во пресрет нивните потреби, рече меѓудугото Петровска на заедничката работна средба со министерот Тевдовски во Битола.