Пазарите во Европа немаат бариери за увоз на македонски производи, но она што им недостига на македонските компании е што треба да имаат исполнето соодветни стандарди коишто се признати во Европската унија.

На ова укажуваат и од Стопанската комора на Македонија и странските компании кои гледаат потенцијал за соработка со македонските фирми.

- Гледаме голем потенцијал за соработка со македонскиот пазар, а впрочем тоа го покажуваат и бројките, односно во првата половина од оваа година трговската размена е зголемена. Особена вредност се става на квалитетот на изработката. Имено се бараат партнери кои поседуваат сертификати признаени во Европската унија, вели Марлине Бургсталер, заменик раководител на Трговското одделение на австриската Амбасада во Република Србија одговорна и за Македонија, која денеска е во Скопје заедно со претставници на австриски компании од металната и електроиндустријата.

И од Стопанската комора на Македонија посочуваат дека исполнувањето на европските стандарди е она што им недостига на македонските компании.

- Австрискиот пазар и пазарите во Европа немаат бариери за увоз на македонски производи, особено од металната и електроиндустријата, но она што во многу наврати, во можностите за соработка, се забележува е недостигот на соодветни стандарди коишто македонските комании треба да ги исполнат за да може да бидат сериозни конкуретни на пазарите во Европа, изјави Даниела Михајловска од Стопанската комора на Македонија пред денешните деловни средби меѓу македонски и австриски компании.

Дел од странските компании дури имаат и експертски тимови кои им се ставаат на располагање на партнерите со цел да им помогнат во достигнувањето на европските стандарди.

- Бараме нови партнери со кои би соработувале. Ние сме тука и нудиме поддршка за нашите партнери, односно имаме тим од квалификувани експерти кои доаѓаат кај нашите добавувачи и им помагаат во подигнувањето на нивното производство на едно ниво на кое ќе може да ги исполнат условите за нивните сертификати, изјави Маркус Грубер од „Путингер лан техник“.

Она што за странските инвеститори претставува проблем за да инвестираат во земјата, според заменик раководителката Бургсталер, се владеењето на правото и корупцијата, но, како што вели, Македонија има направено голем напредок во последните неколку месеци.

- Доколку го читате извештајот за напредокот издаден од Европската унија ќе видите дека таму е напишано се. Таму се зборува за недостиг во владеењето на правото, проблеми со корупцијата... Но, според мое мислење читајќи го целиот извештај сметам дека тој има еден оптимистички тон. Потврдено е дека Македонија има направено голем прогрес во последните неколку месеци и се надеваме дека тоа ќе продолжи така, вели Бургсталер.

Трговската размена меѓу Македонија и Австрија во последните неколку години бележи континуиран раст со значително зголемување на извозот на македонски производи на австрискиот пазар и помала динамика на пораст на увозот од Австрија. Во првите седум месеци од годинава вкупната трговска размена изнесува 183,2 милиони американски долари што претставува зголемување од 77,11 проценти споредено со истиот период лани. Австрија годинава е и 12-ти трговски партнер на Македонија за разлика од 2016 година кога била на 19 место. Во 2016 година, според податоците на Народната банка на Република Македонија, Австрија имала најмногу инвестиции во Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/09/2018 11:47