Со 10 милиони евра кредит од Европската банка за обнова и развој целосно ќе се реконструира и модернизира патот од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир во должина од 13 километри, кој ќе се прошири со трета лента. Со денешното потпишување на договорите за заем и гаранција во Министерството за финансии се создадоа услови за старт на градежните работи кои се продолжение на почнатите експресни патишта од Ранковце до Крива Паланка кои треба да бидат готови за две до три години.

- Заемот е со рок на отплата од 15 години години и вклучен грејс период од две години, со варијабилна каматна стапка која се состои од шестмесечен еуролибор, зголемено за маргина од еден процент. Каматната стапка сега изнесува околу еден процент и сега има исклучително поволни услови на пазарот, информира по потпишувањето на договорите министерот за финансии Драган Тевдовски.

Тој потенцираше дека проектот ќе ја подобри поврзаноста на Македонија со Бугарија со која последната година сериозно ја зголемуваме трговската размена и оти како делница за поврзување на Црното со Јадранското море е од голема важност не само за македонската економија, туку и за регионот.

Според условите за кредитот Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) ќе треба да и плати на ЕБОР еднократна провизија во висина од еден процент од износот на заемот, како и провизија за неповлечен дел од заемот во висина од 0,5 проценти на годишно ниво.

- Новиот проект ќе му овозможи на ЈПДП да го изгради патот од Крива Паланка до Деве Баир, во близина на бугарската граница во должина од 13 километри, кој е сегмент од паневропскиот Коридор 8. Проектот ќе ги добри економските врски на земјата со Европската унија преку соседна Бугарија, која евеќе членка на ЕУ. Надградбата на паневропскиот патен коридор се стреми кон креирање 10 главни транспортни коридори долж Европа, поттинувајќи ги транспортните конекции и трговијата, рече Су Барет, директор на тимот за транспорт во ЕБОР.

До крајот на годинава треба да биде обезбеден и инвестициски грант од 2,6 милиони евра преку Инвестициската програма за Западен Балкан. Специјалниот фонд на акционери ќе обезбеди техничка соработка за поддршка на Одделението за примена на проектот, како и градење на капацитетот преку подготовка на корпоративен пла за ЈПДП.

Како што нагласи министерот за транспорт Горан Сугарески, Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ е силно посветена на регионалниот развој и владините политики се насочени кон комплетирање на Коридорот 8, кој, како што рече, ќе овозможи економски развој на регинот и ќе ја направи државава клучен транзитен центар на Балканот.

– Нашата цел е да созадеме функционален Коридор 8 кој ќе овозможи брз и безбеден превоз на патници и стоки. Со обебзедување средства за доизградба на уште една лента на овој патен правец ќе придонедеме за побрз трансппорт и регионално поврзување и соработка, рече Сугарески.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов информираше дека е завршена целосната документација од аспект на безбедност на патишта и заштита на животната средина и се подготвува документацијата за одобрението за градење и ќе може веднаш да се стартува со работа.

- Целата идеја е заедно со експресните патишта до границата со Бугарија да направиме една целина. Постоечкиот пат ќе се реконструира целосно, ќе се прошири секаде каде што може со трета лента на постоечките, ќе се реконструираат три, а ќе се изградат нови четири моста, односно ќе се направи убав пат кој ќе биде целина од граничниот премин до Ранковце, рече Китанов.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/09/2018 12:48