Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски соопшти дека денес почна исплатата кон сточарите за предаденото млеко со што се заокружува исплатата на субвенции за произведено и предадено млеко во 2017 година.

Исплатата од оваа трета фаза се врши преку платежната агенција и ќе бидат исплатени над 150 милиони денари, посочи Николовски.

-Денес се врши исплата на 6.784 апликанти земјоделци, фармери, сточари кои што предале овчо, козјо или кравјо млеко и кои денес на своите сметки добија над 150 милиони денари. Производството на млеко освен што е традиционална индустрија во делот на агросекторот, таа е посебно значајна и за целокупната економија која во овој дел бележи пораст, истакна Николовски.

За време на посетата на општина Битола, министерот Николовски посочи дека МЗШВ распиша и во тек е склучување на договори за земјоделска земја наменета за производство на сточна храна.

-На овој прв оглас во историјата има голем број апликанти. Исто така преку програмата за директна поддршка ставивме акцент на сточарите, фармерите кои имаат директен развоен потенцијал и тие добија 10 проценти зголемени субвенции во оваа година, а во следниот период Владата ќе излезе со дополнителен сет на политики со главен акцент на сточарството како значајна гранка во севкупниот агроиндустриски сектор, нагласи Николовски и додаде дека оваа инвестициска поддршка ќе биде зголемена.

Според Николовски, со интегрирањето на државата во ЕУ и НАТО, значително ќе се зголеми поддршката на руралниот сектор и земјоделството во целина за што ќе може да се користат многу поголеми финансиски средства од досегашните.

Освен со земјоделците, Николовски разговараше и со градоначалникот на Битола Наташа Петровска која го информираше за процесот на исплата на обесштетувања за земјоделците за оштетените земјоделски површини предизвикани од невреме и град.

-Комисијата за утврдување на предизиканите штети врз земјоделските површини ја заврши работата, штетите беа проценети, извештајот на комисијата е прифатен со одлука во Советот на општина Битола и целокупнот извештај е доставен до владината комисија за проценка на штети. Сега Владата треба да го разгледа овој извештај и навремено да им овозможи на земјоделците да ги добијат средствата со кои што ќе биде завршено обештетувањето, рече Петровска.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/09/2018 19:29