Земјоделците бараат поголема флексибилност и поддршка низ целиот процес на аплицирање за ИПАРД средствата.
Како што беше речено на денешната трибина во Прилеп што ја организира „Рурална коалиција“, за поголема искористеност на ИПАРД средствата неопходна е поголема информираност на земјоделците.
Како што рече извршниот директор на „Рурална коалиција“ Лилјана Јоноски, за 2019 година од ИПА програмата се обезбедени 15 милиона евра за земјоделството и руралниот развој. До 2020-та, пак, македонија може да повлече скоро 100 милиона евра - 60 милиони од ИПАРД 2 и уште 36 милиона евра од структурните фондови.
- Нашата цел е да укажеме какви се информациите, процесот и постапката за искористување на овие средства за да стигнеме до модерно и конкурентно земјоделско стопанство кое треба да биде движечка гранка на македонската економија, истакна Јоноски.
За периодот 2021 - 2027 година буџетот за цела ЕУ изнесува 375 милијарди евра од кои 40 проценти се за земјоделството и руралниот развој.
Според Јоноски, досегашната искористеност на европските фондови е мала и главно, се должи на недоволната информираност на земјоделците.
- Според нашите истражувања, од ИПАРД 1 имаме искористено само 27 проценти. Тоа е, пред се, резултат на немањето соодветни, детални информации и тие не допираат до секое село и рурална средина и до сите земјоделци за да може да аплицираат навреме и да имаат можност да ги подготват документите. Ова е една од главните пречки или предизвици кои треба да ги надминеме. Токму затоа се овие информативни кампањи. Низ процес на едукација и обука заедно со земјоделците, конкретно при пополнувањето на апликациите за ИПАРД и во постигнувањето дел од стандардите кои се бараат, да се зголеми искористеноста на средствата, нагласува Јоноски.
Земјоделците од Прилепско се согласуваат со овие констатации и бараат уште поедноставување на постапката за аплицирање.
- Корисник сум на средства од европски фондови. Аплицирав пред три години и барањето ми беше одобрено. Искуството, главно, беше добро, со некои ситни проблеми. Многу е битно да има помош во секој чекор до конечното добивање на средствата. Тука треба да помогнат институциите и програмата може да се реализира многу подобро, вели земјоделецот Дејан Јовески од Кадино Село, Прилепско.
- Треба да има поголема флексибилност во прибирањето на документите, да нема многу трчање. вели земјоделецот Благоја Наумоски од Кадино Село, Прилепско.
Ова е трета од 10-те трибини што ги организира „Рурална Коалиција“ со македонските земјоделци во рамки на информативната кампања „Зачекори напред - изборот е твој“ за придобивките и предизвиците во наредниот период со отоврањето на претпристапните преговори и поглавјето за земјоделскиот и руралниот развој.