Германскиот фудбалер Емре Џан беше обвинет за сексизам по натпреварот на Јувентус со Валенсија од повеќе феминистички организации. Претставничките на понежниот пол се почувствуваа засегнати од тврдењето на фудбалерот на „старата дама“, дека црвениот картон на Кристијано Роналдо бил незаслужен, бидејќи на теренот „не играле жени“.
Тоа сепак предизвика огорчени реакции на социјалните мрежи на феминистичките организации. Џан процени дека најдобро ќе биде да се стави крај на непријатната ситуација и јавно се извини.
- Се чини дека моите зборови по синоќешниот натпревар и ситуацијата со Кристијано Роналдо предизвикале бура и сакам да се појаснам. Сакам категорично да кажам дека моите зборови немаа за цел да ги понижат жените, женскиот фудбал или родовата еднаквост како целина. Секој кој ме познава, знае каков е мојот став кон жените, женскиот фудбал и еднаквоста и како се однесувам со почит кон сите нив. Намерата ми беше само да го заштитам соиграчот поради погрешна одлука спрема него, што можеше да влијае на исходот на натпреварот. Искрено се извинувам на сите кои се почувствувале навредени од моите коментари. Ја имате мојата целосна почит, напиша Емре Џан.