Саемот за мали бизниси - Создаваме брендови ќе биде отворен денеска на платото на Скопје Сити мол во организација на СОС Детско село Македонија.

Саемот СОС Детско село го организира во рамките на проектот за социјална инклузија и економско зајакнување на млади и млади родители во социјален ризик, кој е поддржан од германското Министерство за економска соработка и развој.

На отворањето ќе присуствуваат и градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, претставници од Агенцијата за вработување на РМ и низа партнери и соработници во проектот.

Целта на проектот е да понуди поддршка и можности за вработување на млади кои се во социјален ризик.

Оние кои покажуваат најмногу желба за напредок и кои се подготвени да го направат првиот голем чекор имаат можност да добијат финансиска поддршка за отворање на сопствен бизнис.

Досега во рамките на проектот е поддржан 41 мал бизнис. Од 21 до 23 септември 23 бизниси од оваа програма ќе бидат дел од Саемот за мали бизниси - Создаваме брендови и ќе покажат како од млади лица прераснале во претприемачи.

Проектот соработува и работи во партнерство со Министерство за труд и социјална политика, општина Гази Баба, Агенција за вработување и Центар за вработување на град Скопје, Центар за социјални работи, УНДП, Црвен Крст, како и со многу познати компании од бизнис заедницата.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/09/2018 10:13