Нова, современа механизација што ќе му го олесни производството и ќе му ги намали трошоците, набавил земјоделецот Амир Ќаили од скопското село Грушино со средства од ИПАРД 1. Преку европските фондови добил околу 5.000 евра, а денеска го потпиша и новиот договор, од ИПАРД 2, вреден 21.000 евра со кој планира да инвестира во трактор, приколка, мал плуг, атомизер и валјак.
Ќаили претходно има купено и трактор со средства од државната поддршка за рурален развој. Вели, независно колку се комплицирани процедурите, оној што сака ќе аплицира, ќе ги собере потребните документи и ќе поднесе барање. Но, многу е важно, средствата да дојдат на правото место - до вистинските земјоделци.
На Ќаили договорот за ИПАРД 2 му го врачија министерот за земјоделство Љупчо Николовски и директорот на Платежната агенција Николче Бабовски, директно на неговата фарма во Грушино.
И Николовски и Бабовски нагласија дека Амир е успешен пример за ефикасно и навремено искористување на европските пари.
- Продолжуваме со успешните приказни на земјоделци кои ги препознаваат бенефитите од искористувањето на европските фондови, земјоделци кои инвестираат во модернизирање на сопственото производство и знаат дека тоа на крајот ќе им се исплати, рече министерот.
Според него, Македонија од ЕУ може да очекува десет пати повеќе средства од досега проектираните ако се земе предвид дека земјоделството е клучен сектор на европската економија.
- Семејството Ќаили е одличен пример како европските средства може да стигнат навреме, во рацете на вистинските корисници. Само со осовременување на производството може да се добијат конкурентни производи, потенцира Бабовски и апелира сите земјоделци да аплицират за ИПАРД.
За земјоделците е најважно да имаат сигурен пласман, да се продаде она што ќе се произведе. Амир, кој со средства од претходниот ИПАРД повик купил приколка, ѓубрефрлачка и еден плуг, очекува македонското земјоделство да добие уште поголеми средства од ЕУ по евроатлантското интегрирање на Македонија.
- Се надевам дека тогаш ќе успееме во целост да го осовремениме земјоделството, со модерна опрема и механизација, а нашите производи да бидат поконкурентни и да имаме поголем пазар, нагласи Ќаили.
Министерот Николовски и директорот на Платежната агенција Бабовски во оваа прилика информираа денеска од денеска почна исплатата на првите средства од ИПАРД 2. Пуштени се средствата за кофинансирање десет договори, вредни вкупно 1,6 милиони денари.
- За помалку од 12 месеци имаме склучено рекордни 898 договори во вредност од 15,6 милиони евра од кои 11,7 милиони земјоделците ќе добијат преку европските фондови. Очекуваме вкупната бројка на склучени договори да достигне 900, истакна Бабовски.
Николовски дополни дека со ИПАРД 2 Македонија има на располагање 60 милиони евра од ЕУ за инвестиции и модернизирање на земјоделството.