Саем за мали бизниси „Создаваме брендови“ се одржува од денеска до 23-ти пред Скопје сити мол, со учество на 20. претприемачи кои претприемничката приказна ја почнале со грант од СОС Детско село.
Грантот е обезбеден со проект за социјална инклузија и економско зајакнување на млади и млади родители во социјален ризик преку мерки за генерирање приходи, поддржан од германското Министерство за економска соработка и развој.
- Во нашето портфолио има неколку програми со кои се трудиме да го подобриме нашето општество. Покрај тоа што овозможуваме најквалитетна грижа и поддршка на деца и млади без родителска грижа и во социјален ризик од 2001 година, се трудиме да ги мотивираме и тие кои имаат потенцијал да станат големи катализатори за напредокот на нашето општество. Затоа денес со нас има 23 претставници на мали бизниси кои преку нашата програма ја увидоа сопствената желба за успех и ја достигнаа, порача Јулијана Гапо, Национален директор на СОС Детско село Македонија.
Градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски на отворањето на саемот истакна дека за претпримачите е отстапен простор од општината кој е целосно реконструиран и оти стручни тимови ги обучуваат младите да почнат сопствен бизнис.
Проектот е од отворен карактер, а неговиот тим ги повикува сите заинтересирани, особено млади од општина Гази Баба да се пријават доколку сакаат да создадат бренд. Информации може да се добијат во Ресурсниот центар на СОС Детско село во населба Ченто, на бројот 071 370 150 или на https://www.facebook.com/sosbmz/.