Што поскорото имплементирање на проектот за заедничко гранично управување One Stop Shop ќе овозможи унапредување на веќе солидната економска соработка меѓу Македонија и Албанија, констатираа ресорните министри од двете земји, Крешник Бектеши и Арбен Ахметај, на денешната средба во Тирана.

Министерот Ахметај изрази желба за испраќање работна група во Македонија која ќе подетално ќе се информира за технолошко-индустриските развојни зони за кои, како што рече, постои голем интерес од страна на Албанија, и во делот на моделите на функционирање и во делот на изготвената регулатива.

Оваа тема беше во фокусот и на разговорот со градоначалникот на Тирана Ерјон Велиај, која се споменува како еден од градовите со потенцијал за отворање таква зона.

Министерот Бектеши во рамки на денешната официјална посета на Албанија потпиша Меморандум за пренос на природен гас со министерот за енергетика Ѓикнури, а се сретна и со министерот за дијаспора Пандели Мајко.

Најактуелна тема на средбите беше One Stop Shop, кој покрај со Србија Македонија ќе го воведе и со Албанија. Одлуката за воведување заеднички контроли на надлежните органи на Република Македонија и на Република Албанија на патниот граничен премин Ќафасан - Кафтане е веќе усвоена од страна на Владата на РМ. Се очекува во најскоро време да почне подготовката на спогодба за потребата од формирање делегација за водење преговори за склучување спогодбата за воведување заеднички гранични контроли на патниот граничен премин Ќафасан - Кафтане.

Билатералната трговска размена со Албанија во периодот јануари-јули годинава продолжува да се движи по нагорна линија и бележи раст од 21,9 отсто, при што извозот е зголемен за 25,9, а увозот за 17,8 проценти во однос на истиот приод лани.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/09/2018 19:24