Сериозна е поддршката што ја добиваме од Европската Унија и НАТО, рече министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска во Ваташа, одговарајќи на новинарско прашање, колкава е поддршката во инфраструктурни проекти. Тој додаде дека се работи за проекти од патната, железничката и комуналната инфраструктура.
- Дел од средствата се обезбедени преку ИПА програмата, се користат неповратни средства за железничката пруга која во моментов се тендерира, а тоа е втората делница од Бељаковце до Крива Паланка. Исто така дополнители неповратни средства ќе има и за третата делница од Крива Паланка до граничниот премин со Република Македонија. Паралелно, средства ќе бидат обезбедени за автопатот Гостивар-Кичево. Реални да бидеме, многу се помага од страна на Европската Унија, додаде министерот.
Сугарески нагласи дека реконструкцијата на сите мостови, била извршена преку НАТО.
Министерот рече дека дополнително, каматните стапки ќе бидат многу намалени после недела. Такви се очекувањата, рече, бидејќи тоа се случувало за сите земји во регионот. Сево ова, додаде, е од големо значење за Република Македонија. Се осврна како на помошта со неповратни средства, така и на помошта со кредитни линии.
Потсети дека претходно, исто така беа користени европски пари за автопатот Демир Капија-Смоквица.