По долгогодишна агонија состојбата во прилепскиот тутунски комбинат се нормализира. Пуштена е во производство нова машина во фабриката за цигари, со што е зголемено производството во комбинатот. Се надеваме, по долгогодишните загуби, на позитивни резултати во комбинатот, прв пат оваа година.

Ова го нагласи денеска вицепремиерот Коѓо Анѓушев при денешната посета на прилепскиот тутунски комбинат и во прилепското средно електромашинско училиште „Ристе Ристески Ричко“, каде компанијата Филип Морис Тутунски комбинат ги претстави своите нови инвестиции во новите машини во фабриката за цигари и вложувањето на 80 000 долари во осовременување на практичните кабинети во училиштето за продуцирање нови кадри.

- Тоа е благодарение на новото раководство, но и на добриот стратегиски договор со Филип Морис и според денешните разговори има уште простор да се зголемува соработката. Посебно ми е задоволство што сме во средното електротехничко училиште во Прилеп каде се негуваат и се едуцираат кадри за индустријата во Прилеп и во поширокиот регион. Ова е иднината на Македонија и токму со тој проблем се соочува целокупната индустрија, со обезбедување на квалитетен и соодветен кадар, рече Анѓушев.

Тој напомена дека Филип Морис со своја донација придонел да се подобрат условите за учење на учениците во ова училиште со донирање лабораторија за практични вежби за учениците од електротехничката струка и со опремување на кабинетите, кои ги посетиле.

- Се надевам дека ова ќе биде поттик и за другите стопанственици од Прилеп и од целата држава да остварат соработка со образовниот систем - со основните, средните училишта и со факултетите, да ги подобрат условите во тие училишта, а и ние како држава ќе го правиме истото, нагласи Анѓушев.

Според Анѓушев државата презеде мерки за развој на економијата, но и за решавање на акутниот проблем со недостигот на кадри за стопанството и наредната година ќе биде целосно посветена на економските мерки.

- Се отвора простор на што ќе бидеме посветени наредната година. Кадарот кој се едуцира во Македонија го направиме посоодветен за потребите на компаниите, преку таканареченото дуално образование, со практичната настава која ја промовиравме, преквалификацијата. Значи, Владата со своите ресори - мојот кабинет, со министрствата за труд и социјална политика и образование, ќе бидеме посветени на тоа како да направиме соодветен кадар за економијата во Република Македонија и притоа, како да го решиме акутниот проблем на невработеноста, од една,и неможноста на компаниите да обезбедат соодветен кадар, од друга страна, рече вицепремиерот задолжен за економски прашања.

Смета дека мерките што ги промовираат ќе дадат резултат, ќе бидат еден од таргетите на економската политика на Владата за следната година.

- Ќе работиме и на сузбивањето на бирократијата за што годинава веќе ги поставивме фундаментите на индустриската политика, а тоа е: силна индустријализација на Македонија со поддршка на инвестициите преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите, преку Фондот за иновативност, но сето тоа нема да биде заокружено ако не биде заокружено и преку образовниот систем и преку создавањето на соодветни кадри, објасни Анѓушев.

Михаел Солтер, генерален менаџер на ФМТКП рече дека фабриката во Прилеп денеска ги исполнува сите највисоки стандарди за квалитет според критериумите на „Филип Морис“

- Заедничкото партнерство со Тутунскиот комбинат од Прилеп ни овозможи заедно да работиме на модернизацијата, на ефикасноста и подигнување на квалитетот што има за цел да осигура врвен стандард за производството на интернационалните производи на Филип Морис -Интернационал овде во Прилеп. Озможивме префрлање на производството на марките „Бонд стрит“ и „Честерфилд“ со години во Прилеп, а минатиот месец го доведовме во Прилеп производството на „Марлборо“ како најголем и најзначаен бренд на Филип Морис. А со оваа донација во средното прилепско училиште „Ристе Ристески Ричко“ го поддржуваме развојот на младите кадри преку инвестицијата во училниците за практична настава кои се неопходни, како за Тутунскиот комбинат, така и за другите компании, изјави Солтер.

За директорот на приелпскиот комбинат Кире Станкоски целта е комбинатот да се врати на поранешните успешни години на работење.

- Целта ни е да го подигнеме стандардот и во практичната настава. Целата реколта тутун што ја откупуваме од кооперантите му ја продаваме на „Филип Морис“, од друга страна, почнавме производство на прогресивен формат на цигари „Честерфилд“. Со подигнувањето на нивото на рангот на Филип Морис, целта ни е тутунскиот комбинат да го вратиме на старите патеки, рече Станкоски.

Билјана Трајкоска, директор на средното електромашинско училиште „Ристе Ристески Ричко“ нагласи дека сега во новите услови за настава, учениците ќе може да бидат оспособени за пазарот на трудот.

- Осовремени се кабинетите за практична настава, а и два кабинета за теоретската настава. Со овој проект на многу повисоко ниво се подигна квалитетот на наставата со што учениците, веќе по завршувањето, ќе може да се оспособат и да се вклучат активно во пазарот на трудот, конкретно како стручни лица да му бидат на располагање на Тутунскиот комбинат. Поддршка даде и локалната самоуправа и вложи во обновата на санитарните јазли, рече Трајкоска.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/09/2018 18:58