Лука Модриќ е добитник на наградата за најдобар фудбалер во светото според ФИФА. Играчот на Реал Мадрид и хрватската репрезентација комплетираше фантастичен хет-трик на индивидуални признанија, откако претходно беше прогласен за најдобар на Светското првенство во Русија, а потоа го понесе и признанието за најдобар фудбалер во Европа според УЕФА.

Кога Модриќ имал само шест години, неговиот сакан дедо бил застрелан од страна на српски насилници и Лука бил принуден да живее како бегалец во неговата татковина зафатена од војна. Но, тешкотиите не го запреле амбициозното дете да стане еден од најдобрите играчи на планетава.

На 8 декември 1991 година, за време на војната, Србите го нападнале селото Модричи, мало село во северна Далмација, и ги тероризирале хрватските фамилии, пишува британски „Сан“. Еден од погодените во вкрстениот оган бил дедото на Лука, кој исто така се викал Лука и бил брутално убиен од страна на група Срби. Заедно со дедото на Лука биле убиени петмина други жители. Идејата била да се испрати порака до другите селани дека мораат да го напуштат местото.

По инцидентот, родителите на сега веќе славниот фудбалер биле принудени да го напуштат селото и засолниште побарале во хотел во Задар.

Без електрична енергија и вода, звукот на гранатите и куршумите станал секојдневие за малиот Лука и за неговата сестра Јасмина. Но, сето тоа не го сопрело малото момче, кое продолжило да ја шутира топката на паркингот од хотелот, сонувајќи дека еден ден сето тоа ќе биде минато.

И токму така.... Денес, Лука Модриќ и официјално е прогласен за најдобар играч во светот.

Во конкуренција беа Роналдо и Мухамед Салах. Токму Египѓанецот ја доби наградата „Ференц Пушкаш“ за најубав гол и тоа за погодокот на мечот Ливерпул-Евертон постигнат на 10 декември минатата година.

И на вечерашната гала манифестација организирана од ФИФА, нелогичностите беа во преден план, па така Салах ја доби наградата за најубав гол наспроти ножичките на Роналдо и Бејл, а не се најде во најдобриот светски тим за минатата сезона.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/09/2018 23:42