Поголем број германски политичари, меѓу кои и канцеларката Ангела Меркел ја одбија поканата за вечера во чест на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

Домаќин на свечената вечера што ќе се одржи в петок е германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер.

- Присуството на канцеларката на банкетите што ги организира претседателот не е правило. Канцеларката само понекогаш присуствува на свеченостите во претседателската резиденција, а последен пат тоа беше при посетата на британската кралица Елизабета Втора на Берлин во 2015 година.

На свечената вечера во дворецот Белви нема да присуствуваат и голем број опозициски политичари.

Претседателот на Слободната демократска партија (ФДП) Кристијан Линднер за дневниот весник „Рајнише пост“ изјави дека не сака да биде дел од „пропагандата на Ердоган“.

Во заедничкото соопштение од претседателството на Зелените се наведува дека државен банкет не е исправна форма за одавање на почест на човекот, кој во својата земја „ги уништува темелите на демократијата“.

Поранешниот претседател на Зелените, Џем Ездемир, кој по потекло е од Турција и е еден од најжестоките критичари на Ердоган, сепак ќе присуствува на банкетот.

- Сакам турскиот претседател да ме трпи мене и мојата критика за неговата политика, истакна Ездемир.

Планирано е турскиот претседател да пристигне во Берлин на 27 септември, а на 29 да го посети Келн. Поради посетата на Ердоган на Германија на 22 септември во повеќе германски градови имаше протести. На протестот во Берлин пристуствуваа неколку стотици луѓе, носејќи транспаренти на кои пишувашем „Ердоган не е добредојден". Митинзите беа организирани од коалиција организации против турскиот претседател, вклучувајќи го и курдското здружение. Во неколку германски градови по улиците се одржаа протестни маршеви на кои имаше од 80 до 200 луѓе.

За петок и сабота се планирани неколку големи протести во Берлин и Келн поради посетата на Ердоган. Се очекува дека ќе бидат присутни околу 10.000 луѓе.

Ердоган во неделата изјави дека на претстојната посета на Германија планира да ги интензивира економските и политичките врски со Берлин.

- Приоритет во агендата за мојата посета на Германија целосно ќе биде напуштање на политичките односи присутни последните години, истакна Ердоган.

Тој додаде дека посетата ќе биде и „чекор кон зајакнување на економските односи на взаемна корист“.

Односите помеѓу Берлин и Анкара се влошени по обидот за државен удар во Турција во 2016 година, по што се притворени десетици илјади луѓе, вклучително и германски државјани. Тензиите се намалија откако минатите месеци беше ослободен од притвор германски новинар со турско потекло, а исто така му беше дозволено на друг германски државјанин да замине од Турција.

Во Германија живеат околу три милиони Турци, што е најголема дијаспора во светот.

Германските власти оценуваат дека немаат друг избор освен зајакнување на врските со Анкара и покрај загриженоста за кршење на човековите права во Турција.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/09/2018 14:06