Министерот задолжен за регулатива за подобрување инвестициска клима за домашни претпријатија Зоран Шапуриќ денеска беше во посета на компанијата Цермат ДОО Битола, која повеќе од 20 години опстојува на пазарот, има околу 250 вработени и извезува во над 25 држави-земји членки на Европската унија.

Таа, како што соопшти кабинетот на Шапуриќ, е доказ дека владиниот План за економски раст, заедно со законските и подзаконските прописи за финансиска поддршка на инвестициите успешно се реализираат и вродуваат со плод. Доказ за тоа, велат оттаму, се и склучените околу 100 договори со компании кои најавија нови инвестиции во понатамошниот период.

- Менаџментот на Цермат изрази задоволство од дадена поддршка од страна на Владата со склучениот договор за финансиска поддршка на инвестициите по повеќе основи, и го запозна министерот Шапуриќ со идните планови за развој во сопствениот производствен капацитет, и тоа преку набавка на нова опрема на машини, лабораторија, зголемување на бројот на вработени и извоз и др. Истакнаа дека во следните неколку години имаат за цел да инвестираат околу 15 милиони евра, се вели во соопштението.

Од компанијата, го запознале министерот со целокупниот производствен процес на сладолед и други млечни и кондиторски производи, а воедно и со потребите за нови хали, простории за производствен процес и складирање на производите, со што побараа да се олеснат процесите за пренамена на земјиште и добивање парцели заради побрзо реализирање на бизнис плановите, кои би придонеле кон севкупно придвижување во нагорна линија на македонската економија.

Министерот Шапуриќ истакна дека владината политика за економски раст ќе продолжи и ќе се надградува во понатамошниот период, како и определбата за постојана комуникација со бизнис заедницата за секоја од економските сфери. Секако дека и патот на Македонија кон ЕУ и НАТО ќе доведе кон унапредување на бизнис климата и темпото на инвестирање.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/09/2018 15:36