На само дваесетина минути од Куманово, сретсело во Старо Нагоричане е сместен средновековниот храм „Свети Георги“. Манастирот привлекува со својата импозантност, карактеристична за православните градби од 14 век. Прекрасното здание се издвојува и по надворешното уредување, камбанаријата, дворот и оградата, близината до селскиот плоштад. Неделите се резервирани за литургија, која привлекува верници од Македонија. Таму го сретнавме верникот Христијан Георгиевски од Куманово, адвокат по професија, кој со своето семејство не пропушта неделна литургија. За него и за присутните на литургијата, ова е богоугоден начин преку кој се практикува верата.
- Имаме прекрасна соработка со верниците кои доаѓаат во црквата и кои се трудат да живеат богоугодно, на начин како што не учи нашата православна црква. Освен тоа што тоа подразбира молитва и пост, исполнување на молитвените правила, исполнување на Светите тајни, исповед, причест, крштение, миропомазание итн., пожелно е одење на литургијата во недела, на големите празници и на другите богослужби кои се одржуваат во црквата, вели Георгиевски.
Откако ќе заврши литургијата, верниците се собираат на неделен појадок во просториите кои се во непосредна близина на храмот. Таму разговараат, си помагаат и професионално, споделуваат семејни радости и таги, организираат хуманитарни активности, донации и велат на овој начин го прошируваат православното семејство.
Вратени литургискиот живот и старото византиско пеење
Ѓаконот Дејан Зец веќе три години се грижи за манастирот, заедно со парохискиот свештеник и уште едно лице кое ги одржува дворот, црковната куќа и околината. За нив, многу позначаен е и религискиот аспект во однос на историјата и безвременската архитектонска убавина на храмот.
- Ние повеќе се интересираме во делот на развивање на духовноста на манастирот. За историјата и градбата може да се прочита, а нам најзначајни ни се луѓето кои го посетуваат манастирот и кои сакаат да го почувствуваат духот на православието. Се обидуваме преку литургиски живот и враќање на старото византиско пеење да го прославуваме Бога во сета своја суштина и во сите свои ипостаси, а кое нешто, верувајте, наидува на прекрасен одѕив и воодушевување кај посетителите, вели ѓаконот Зец.
Во таа насока, со благослов од митрополитот кумановско-осоговски, г. Јосиф, се одржуваат и крштевања, венчавки и групни венчавки и крштевки.
Манастирот привлекува и верници и случајни минувачи, странски туристи кои доаѓаат во манастирот, сакаат одблиску да се запознаат со неговата историја и да ги видат фреските и иконите. Најчесто тоа се граѓани и верници од балканските држави, а на ретко и посетители од Јапонија, САД, Холандија, Шведска, Италија, а најчесто туристи кои поминуваат низ неколку држави и ги посетуваат знаменитостите во нив, меѓу кои и древниот манастир во Старо Нагоричане.
Во неделата затековме и брачен пар, жената од Русија, сопругот од Белгија, кои како христијани го посетија манастирот. Одушевени се од неговата безвременска убавина и апелираат да се сочува во автентичниот амбиент.
Инфраструктурната пристапност продонесува храмот да биде посетен и од верници и домашни и странски посетители.
Непроценливо културно и духовно наследство
Црквата „Свети Великомаченик Георги“ е средновековен православен христијански црковен храм кој се истакнува по својата базиликална градба, фрескоживопис, камениот и ќелијата на светителот Прохор Пчињски во непосредната близина. Дeнeшнaтa цpквa билa пoдигнaтa нa остaтoцитe нa постар храм кој имaл бaзиликaлнa фopмa, oд 11 вeк, вo времe нa влaдеењeтo нa визaнтиcкиoт императop Роман IV Диоген.
За oвој пoдaтoк се дoзнaвa oд житиeтo на светиот Прохор Пчињcки, вo чија чест императорот ја пoдигнaл пpвoбитнaтa цpквa, нa местoто кaдe што светителот гo пoчнaл cвојот иcпоснички живoт. Манастирот го обновил српскиот крал Милутин во 1313 година. Црквата е фрескописана од страна на тогашните најпрочуени фрескосликари Михаил и Ефтихие.
Непроценливо е културното наследство на црквата, но за верниците кои секоја недела се на литургија таа е духовно богатство кое мора да се негува.
Верниците од манастирот порачуваат и ги канат останатите верници да го развиваат духовниот живот во овој храм, зашто тој не се развива како единка, потребно е цела заедница на верувања и практика, како и вистински верници кои ќе бидат дел од тој соживот.
Александра Максимовска