Украинскиот филмски режисер осуден на 20 години затворска казна во Русија вчера беше прогласен за почесен граѓанин на Париз.

Сенцов беше уапсен и осуден во 2014 година бидејќи протестираше поради анексијата на Крим од страна на Русија.

Советот на градот едногласно го одобри предлогот без оглед на партиската припадност, објавија француските медиуми. Сенцов веќе 134 дена штрајкува со глад во затвор во знак на солидарност со 70 политички затвореници.

- Париз е познат како престолнина на човековите права, ние имаме одговорност да ги промовираме овие вредности секаде во светот. Олег Сенцов мора да биде ослободен, изјави градоначелничката на Париз, Ан Хидалго.

Иако Париз само еднаш одобрува статус на почесен граѓанин, а во јуни веќе му го додели на активистот Набил Ражаб од Бахреин, градот оцени дека ситуацијата на Сенцов е премногу итна и дека овојпат треба да се прекрши правилото.

Градоначелничката порача дека вчерашното гласање на градот е знак дека има надеж и дека Сенцов се уште може да биде спасен.

Иако штрајкот со глад на украинскиот режисер не е целосен, тој прима околу три литри вода дневно и две лажици прехранбени супститути – неговата здравствена состојба е загрижувачка, според информациите кои пристигнуваат од неговиот адвокат. Во август тој порача дека Сенцов изгубил триесет килограми и дека се соочува со иреверзибилни здравствени проблеми.

Франција е меѓу најгласните држави во светот за случајот со Олег Сенцов. Претседателот Емануел Макрон редовно ја отвора темата при средите со Владимир Путин. Во август Макрон побара од Путин пристап до затвореникот за независни доктори, но рускиот претседател одби.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/09/2018 16:52