Во Универзитетскиот клинички центар (УКЦ) во Љубљана минатата недела за првпат беше извршена трансплантација на бели дробови на пациентка, која оттогаш добро се опоравува, соопшти денеска најпрестижната словенечка медицинска установа.

Годишно за трансплантација на белите дробови во Словенија чекаат во просек пет пациенти, а досега пресадувањата на две белодробни крила на словенечките осигуреници им биле извршувани во Виена, но, сега, тим од домашни торакални хирурзи, анастезиолози и доктори по интензивна медицина, обучувани во Австрија, сметаат дека ќе можат да извршуваат 15 до 20 пресадувања на бели дробови годишно.

На оперираната пациентка, која овие денови брзо закрепнува, и се пресадени бели дробови од странство, кои биле пренесени со владин авион.

Шефот на Љубљанскиот центар за трансплантација (УКЦ), Иван Кнежевиќ денеска на прес-конференција објасни дека на словенечките пациенти трансплантација на бели дробови им се овозможува од 1998 година, но, во овој случај за првпат се работело за трансплантација на двете белодробни крила во домашна установа извршена од домашни експерти.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/09/2018 19:49