Кардиналот Рајнхард Маркс, претседател на германската бискупска конференција, се извини на илјадниците жртви на свештеничка сексуална злоупотреба и побара простување.
- Црквата предолго оспоруваше, криеше и го одвлекуваше вниманието од злоставувањето. За сите пропусти и за сета болка на жртвите молам за прошка, изјави тој во градот Фулда, каде беше презентиран звештај за сексуална злоупотреба.
Маркс додаде дека е засрамен затоа што сето тоа се случувало за да не се наштети на институцијата црква и да се заштитат епископите и свештениците.
- Не ги слушавме жртвите и тоа не треба да биде без последици. Многумина немаат доверба во нашата институција и јас целосно ги разбирам, нагласи Маркс.
Претседателот на Германската бискупска конференција, во пресрет на есенското собрание на германската црква, кое денеска почна во Фулда, најави некои структурни промени во Католичката црква во Германија.
Од извештајот претставен во Фулда, се гледа дека во периодот од 1946 до 2014 година, „најмалку 1.670 претставници на црквата злоупотребувале 3.677 малолетници".