Забрзано се гради новиот експресен пат Штип - Радовиш. Жителите на источниот и југоисточниот регион првпат можат да видат дека еден пат во нивниот регион се пробива брзо. На повеќе локации има и застој на патот, работници го регулираат сообраќајот со црвени знамиња, кои им овозможуваат на камионите што го носат градежниот материјал да влегуваат на новата траса. Градежните машини и работници ги градат премините, мостовите и ја пробиваат трасата. Метежот почнува од мостот на реката Брегалница, кај клучката за градот Штип, а завршува кај клучката за радовишкиот рудник „Бучим“. Секој што патува по стариот регионален пат во првец од Штип кон Радовиш од неговата лева страна може да ги види работниците на фирмата „Штрабаг“ како го градат патот, кој треба да овозможи побрз проток на луѓе, но и на земјоделските производи од струмичкиот и радовишкиот регион. На годишно ниво по новиот експресен пат ќе се транспортираат овошје и зеленчук со вредност од околу 200 милиони евра, а кои ги произведуваат вредните земјоделци од овие региони.

Директорот на Агенцијата за државни патишта, Зоран Китанов, за МИА вели дека на оваа траса ќе има 12 моста. Работите почнаа пред три месеци. Должината на експресниот пат е 23,5 километри, инвестицијата е вредна 27 милиони евра, а по две и пол години ќе може и да се вози по патот. Додека забрзано се гради се отстрануваат и пречките што стојат на трасата. Експропријацијата на земјиштето е завршена 97 отсто, а археолозите веќе ги завршија и истражувањата на терен.

Археолошки локалитети на трасата Штип - Радовиш

Секој што патувал по стариот регионален пат Штип - Радовиш знае дека од клучката за Неготино до радовишкото село Дамјан е црна сообраќајна точка. Овие неколку километри мора да се поминуваат како што ве предупредува и сообраќајната сигнализација. Токму на овој потег, познат како Пилав Тепе, за да почнат градежните работи, штипските и струмичките археолози мораше претходно да ги завршат истражувањата на локалитетите.

Стручна екипа од 20 лица и 80-100 работници речиси четири месеци работеше на три локации, за кои беше познато дека можат да имаат вреден археолошки материјал, кој квалитетно треба да се пронајде и конзервира. Директорот на Заводот за заштита на споменици и музеј на град Штип, Митко Штерјов, вели дека две од локациите се во атарот на Општина Штип, една во Општина Радовиш. Оваа екипа од археолози и работници секој ден ги истражуваше локалитетите, кои се оддалечени на 15 километри од Радовиш и 20 километри од Штип.

- Со сета динамика истражени се три километри од трасата, бидејќи овде се наоѓаат повеќе локалитети. Истражени се делови што навистина дадоа нови резултати за овој крај, бидејќи досега морам да напоменам дека не се изведувани археолошки истражувања на овој дел од Радовиш и Штип. Освен оние заштитни истражувања за рудникот „Боров дол“. Главниот акцент на заштитните археолошки истражувања го ставивме на локалитетот Пилав Тепе, кај селото Брест. Како што очекувавме, тука ги пронајдовме и највредните и најзначајни материјални и културни остатоци од минатото. Овој локалитет зафаќа и најголем простор на трасата што ние моравме во најкус временски рок да ја „ослободиме“ за на неа да можат да се посветат градителите на патот, вели Штерјов.

Присобраниот движен археолошки материјал е доста скромен. Најчесто тоа се садови од керамика, скифоси, кантароси, ехинос паници, ихтии.

Ване П. Секулов од Музејот од Струмица вели дека посебен куриозитет е пронаоѓањето скелет од коњ кој потекнува од IV век пред нашата ера, а кој бил жртвуван. Нозете на коњот биле врзани во делот на потколениците, за да не може да рита, а преку муцката имал бронзен обрач со кој се оневозможувало да вреска и да каса. Положбата на черепот кој лежи на темето, како и на извртениот врат, укажува на тоа дека тој бил заклан и оставен да искрвави. Покрај черепот на коњот е пронајдена и неговата узда.

- Исто помал куриозитет е што во еден од објектите се пронајдоа и два гроба со погребување од доцноримскиот период. Иако со нашите истражувања досега тука не регистриравме објект или населба од тој период, вели Секулов.

Археолозите се задоволни што открија на овој дел од трасата на новиот експресен пат. Штерјов забележува дека она што претходно го претпоставувале, сега со откриените артефакти се потврдува од кој период се локалитетите.

Заштитните археолошки истражувања ги финансираше Агенцијата за државни патишта.

Археолзите ќе истражуваат и на експресниот пат Штип - Кочани

Археолозите не застануваат овде, имаат работа и на експресниот пат Штип - Кочани на локалитетот Манастирче, кај штипското село Чардаклија, каде што минатата година археолозите од Штип и од Археолошкиот музеј на Македонија открија ранохристијанска црква, која минува низ трасата на новиот експресен пат Штип - Кочани.

На самата траса на експресниот пат во близина се наоѓаат и три поголеми локалитети, како што е Лозен Градиште кај Горни Балван и Клетовник до Крупиште. Меѓутоа тие се оддалечени од трасата. Така што, според правилата, таму се вршеше само надзор од страна на археолозите. Археолошките истражувања на локалитетот Манастирче се исто така финансирани од Агенцијата за државни патишта.

Викторија Димитрова-Јованова



Автор: Администратор
Објавено на: 26/09/2018 10:42