Синдикатот од прилепската наменска фабрика „Еурокомпозит“ ја одложи најавата за денешниот протест пред Владата во Скопје и до утре ќе чека дали шестте милиони денари што со одлука им ги одреди Владата, ќе легнат на сметката на фирмата.

Според Роберт Богданоски, претседател на синдикалната организација на „Еурокомпозит“ раководството им најавило дека ќе направи напори до утре да се префрлат парите.

- При денешната средба со раководството најавено ни е дека најдоцна до утре ќе се направат напори парите да бидат префрлени на сметката на фирмата. Токму затоа, одлуката - што понатаму - ќе ја донесеме утре. Доколку не стигнат средствата, ќе ја активираме најавата за протести, изјави Богданоски.

На вчерашната, редовна, 90-та седница, Владата донесе одлука со која се задолжува Министерството за внатрешни работи, како краен корисник на производите од компанијата „11 Октомври – Еурокомпозит“ да исплати шест милиони денари, со цел фирмата непречено да продолжи да работи.

Во „Еурокомпозит“ во моментов вработените се пуштени дома и да чекаат повик за работа. Во фирмата нема струја три недели поради заостанат долг за неплатнени поранешни сметки, нема работа, а вработените, велат, не зеле плата месец и половина.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев деновиве најави дека до 30 септември ќе се оформи пакетот за технолошки вишок за вработените во „Еурокомпозит“, за потоа да почне предстечајната реорганизација и инвеститор да ја преземе оваа наменска фабрика. На списокот за технолошки вишок се 130 вработени. Од синдикатот го оставија отворено прашањето од каде ќе бидат средствата за исплата на отпремнините за оние што ќе заминат технолошки вишок, зашто фабриката нема ниту денар.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/09/2018 14:24