Фудбалската федерација на Англија (ФА) ќе му го продаде „Вембли“ на милијардерот Шахид Кан за 600 милиони фунти, објавија англиските медиуми.

Како што се наведува, договорот ќе биде одобрен утре од страна на Советот на ФА. Иако сите членови на федерацијата јавно не го поддржуваат овој договор, извршниот директор на ФА Мартин Глен и шефот на организацијата Грег Кларк се надеваат на едногласна позитивна одлука.

Во случај на трансакција, на новиот сопственик нема да му биде дозволено да го користи легендарниот стадион како гаранција за заем, ниту ќе смее да го менува името.

Исто така се гарантира дека клучните натпревари ќе се одржат на „Вембли“.

Новото издание на „Вембли“ е изградено во 2007 година. Располага со 90.000 места и е втор по капацитет по „Камп Ноу“ во Барселона.

Американскиот милијардер со пакистанско потекло преговорите за купување на најголемиот стадион во Англија ги почна во април и тогаш се спомнуваше сума од околу 800 милиони фунти.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/09/2018 14:28