Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денеска го одржа третиот јавен состанок за 2018 година на кој меѓу другото, било разговарано за следењето на медиумското известување на радиодифузерите на државно ниво во врска со референдумот.

Директорот на АВМУ Зоран Трајчевски, на почетокот ги презентира спроведените активностите за третиот квартал, согласно Годишната програма за работа на Агенцијата – извршените надзори врз радиодифузерите, издавачите на печатени медиуми и операторите на јавни електронски комуникациски мрежи, изречените мерки-опомена, изработените анализи, активностите на полето на меѓународна соработка.

На состанокот, како што информира АВМУ, била разгледана Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2017 година, со која е опфатено економското работење на радиодифузерите, односно податоците за вкупните приходи, уделите на радиодифузерите во вкупните приходи, структурата на приходите, вкупните трошоци, уделите во вкупните трошоци и структурата на трошоци, резултатот од работењето и просечниот број на вработени во редовен работен однос, како и податоци од мерењата на телевизиската и радиската публика во 2017 година.

- Вкупните приходи што во 2017 година заедно ги оствариле Јавниот сервис и сите комерцијални телевизии и радиостаници изнесуваат 2.608.84 милиони денари, додека трошоците на сите радиодифузери заедно 2.703.84 милиони денари. Најгледана од терестријалните телевизии на државно ниво е ТВ Сител, со просечен неделен досег од 51.45 процени, додека најслушано државно ниво – РА Антена – 18.70 отсто, се наведува во соопштението на АВМУ.

На состанокот е дискутирано и за текстот на Предлог - Уредбата за знаците за тревожење, начинот и процедурите за тревожење и постапките на населението, во која се утврдени обврски на различни субјекти, во случаи кога постои опасност со која се загрозува населението.

Документот, кој го презентира Душко Петровски од Центарот за управување со кризи, посочува дека информирање преку медиумите се врши во случај на ризик или опасност (воздушна, радиолошко-хемиско-биолошка или опасност од елементарни – природни непогоди и други несреќи), заради навремено предупредување и подготвување на населението за засолнување, поефикасна заштита и спасување или заштита на материјалните добра кои може да бидат или се зафатени од ризици и опасности, се вели во соопштението на АВМУ.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/09/2018 15:42