Играчот од средниот ред на Барселона, Серхио Бускетс потпиша нов договор со клубот, според кој тој ќе остане на „Камп Ноу“ до летото 2023 година. Тогаш шпанскиот репрезентативец ќе има 35 години. Договорот беше постигнат пред некое време, но сега и официјално стана реалност. Во него, клаузулата за откуп била зголемена од 200 на 500 милиони евра. Неговата плата е исто така зголемена, но не се прецизира колку. - Интелигенција, рамнотежа и преглед на играта, Серхио е неуморен на теренот. Тој е извонреден во одбраната и непроценлив во нападот. Неговото одлично позиционирање на теренот му овозможува да има големо влијание на двата краја на теренот, пишува на веб-страната на клубот. Бускетс дебитираше за тимот од Каталонија во 2008 и оттогаш стана клучна фигура во тимот. Тој е втор капитен на тимот и незаменлив дел од репрезентацијата на Шпанија. Полудефанзивецот има вкупно 490 натпревари и 13 гола,и има 28 трофеи. Информацијата за договорот беше објавена само неколку часа по непријатниот пораз на Барса минатата ноќ, но тимот остана на врвот на Ла Лига, откако и Реал загуби со 0:3 во Севиља.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/09/2018 19:38